Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) со обезбедена судска наредба раководи со претрес на домот и во канцелариите во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола, по сомневања и докази за земено мито од еден од вишите битолски обвинители.
Претресите во куќата и во службени простории на вишиот јавен обвинител во ВЈО Битола ги врши Министерството за внатрешни работи (МВР), поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Неофицијално, станува за услуга – враќање одземена патна исправа на осомничениот, односно сега обвинет бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија. Тој е првообвинет за злоупотреби и за фиктивен тендер од над 1,7 милиони евра за дислокација на станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК Битола.
Потплатениот обвинителот наводно е приведен, обвинителството најавува подетални информации за случајот во текот на утрешниот ден.
Марковски на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“ отпатува во Србија, откако претходно Основниот суд во Струга му го врати пасошот по приложена гаранција од над пет милиони евра. При преминувањето на границата, Марковски бил задржан на полициска проверка, но потоа му било дозволено да ја напушти државата, бидејќи во системот немало активна мерка што го спречува во тоа.
Откако бизнисменот отпатува надвор од државата, во јавноста имаше шпекулации дека тој побегнал и обвинувања на адреса на обвинителството зошто се дозволило судот да му го врати пасошот кога е осомничен за тешки кривични дела.
Претходно, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, на 15 јуни 2026 година, дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски за враќање на пасошот. Откако одбраната поднела ново барање, обвинителот го реферирал предметот до Вишото јавно обвинителство Битола. Оттаму, вишиот јавен обвинител побарал да се даде позитивно мислење, односно да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
„Како аргументи за ваквата одлука, вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Србија, чие работење е сериозно доведено во прашање, и дека постои можност да биде нанесена ненадокнадлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов, не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.
С. К. ДЕЛЕВСКА



