Струшкото село Радожда поверќе од еден месец е без организиран превоз. Над 600 жители на селото останаа без превоз до Струга, откако превозникот ја откажал линијата.
Според жителите, сега во Радожда доаѓа комбе двапати дневно за учениците, обезбедено од друг превозник. Но, за оние кои одат на работа, за старите, пензионерите и лицата кои имаат потреба од лекарска помош, нема превоз.
„Оние што одат на работа се организираат со коли, некои чекаат некој да ги земе. Има луѓе кои работат и мора да стигнат на работа, има болни, стари, пензионери кои треба да одат на лекар. Гледам жени кои чекаат некој да ги пренесе на работа, стари луѓе кои треба да одат на лекар, а немаат превоз. Срамота е во 21 век да немаме јавен превоз. Радожда сепак е туристичко место, но ако продолжи ова, за десет години ќе станеме само викенд-населба. Поради вакви и слични проблеми луѓето се иселуваат“, вели Градимир Нестороски, жител на Радожда.
Жителите бараат од надлежните институции да најдат трајно решение за воспоставување редовна линија.
„Сега имаме само 30 деца од прво до деветто одделение. Во секоја куќа во просек живеат по двајца. Тоа покажува колку се намалува бројот на жители. Претходно имавме превоз на секои час и половина до два часа. Сега луѓето сами се снаоѓаат. Не бараме ништо посебно, туку редовен превоз за Радожда, за луѓето да можат нормално да одат на работа, на лекар и да ги завршуваат секојдневните обврски“, вели Нестороски.
Од Општината велат дека се преземаат активности за решавање на проблемот со јавниот превоз на релација Радожда-Струга и обратно.
„Во текот на денешниот ден, превозник поднесе барање за издавање лиценца за вршење општински линиски превоз на патници на релација Радожда-Струга и обратно. По добивањето на потребната документација од Општина Струга и завршувањето на соодветната постапка, превозникот веднаш ќе отпочне со одржување на линијата Радожда-Струга и обратно. Општина Струга останува посветена на обезбедување редовен и функционален јавен превоз за граѓаните, особено за жителите на населените места во општината“, велат од Општина Струга.
С. ВРЕНЦОВСКА



