Премиерот Христијан Мицкоски, како застапник на тужената ВМРО-ДПМНЕ, не дојде денеска да се соочи со поранешната обвинителка Ленче Ристоска во Основниот граѓански суд Скопје, во врска со низа клевети и навреди изнесени преку партиски соопштенија, во кои имало и закана за „нејзин крај“.
Против неа има 18 соопштенија додека ги застапуваше обвиненијата за „Талир 1“ и „Талир 2“, а таа тужи за првото.
Адвокатката на ВМРО-ДПМНЕ, на прашање од судот каде е повиканиот Мицкоски и зошто не се појавил со оглед на тоа што било добро да дојде и да се изјасни за соопштенијата против тужителката, изјави дека „тој имал обврски“.
„Законскиот застапник на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше 6 месеци да ги усогласи обврските. Ова што избега денеска е негово непочитување на судот“, изјави Ристоска по денешното рочиште.
Таа бара судот да утврди клевета и навреда од ВМРО-ДПМНЕ и отштета во висина од 300.000 денари.
„На 14.10.2025 година, кога беше објавено соопштението, бев обвинител и застапував два предмета во кои беа засегнати интересите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ: ‘Талир 1’, каде што партијата беше обвинета, и ‘Талир 2’, каде што беше заинтересирана странка и каде што нејзиниот имот беше замрзнат. Овие два предмета се наоѓаа во завршна фаза, а во вториот предмет се наближуваше крајот на судската постапка. Во истиот предмет беше побарано одмрзнување на имотот и јас како јавен обвинител предложив ова барање да се одбие. Денот 14.10. е денот кога Судот донесе одлука за одбивање на барањето за одмрзнување на имотот. Соопштението со наслов: ‘Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картичка во служба на Заев и Груби’ е првото соопштение со кое ВМРО-ДПМНЕ ме опфаќа директно мене. По ова објавија уште 16 соопштенија во кои ме споменуваат, но ова е почетното. Притоа се изнесени најпрво бројни невистини, а потоа и навреди. Од клеветите би се осврнала на оние со кои сакаат да ме прикажат како јавен обвинител што нема морален ни професионален капацитет за функцијата, поврзувајќи ме со политичари и партии како СДСМ и ДУИ. Особено неприфатливо за мене е тоа што ме поврзуваат и со криминалци“, изјави тужителката Ристоска во својот исказ.
Таа продолжи со образложението дека главен клеветнички навод во ова прво соопштение е токму квалификацијата „Ристоска – тажен симбол на неправдата…“.
„Јас никогаш во мојата кариера како јавен обвинител, ниту во СЈО ниту потоа, немам користено службена картичка, ниту пак сум била задолжена со таква. Не постојат додатоци и надоместоци кои биле предвидени со закон, а јас да не сум ги пријавила уредно во ДКСК. Износите ги соопштив јавно на прес-конференција, а дополнително ги пријавив и во УЈП заради пресметка на данок“, кажа таа.
Во однос на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое се наведува: „Направија партиска испостава на СДС и ДУИ“, Ристоска рече дека никогаш не ги делела осомничените по партиска припадност и не постапувала селективно.
„Квалификациите како ‘Каков крај’, ‘Отсуство на срам’ и ‘Истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на Обвинителството’ се крајно навредливи“, рече Ристоска, додавајќи дека ги доживеала како длабоко понижувачки.
„Тужениот ме сместува во категорија на лица без морал. Падот на Обвинителството повторно ми се припишува мене, што го доживувам како лична навреда. Сите овие наводи за мене се приватно навредливи, но имаат и силна професионална димензија бидејќи се косат со темелите врз кои треба да почива Обвинителството: интегритет, чесност и заштита на јавниот интерес“, додаде таа.
Тужителката рече дека сите овие наводи претставувале силен притисок врз неа, особено затоа што соопштението започнувало со зборовите „Каков крај!“.
„Оваа закана дојде од политичка партија која е на власт и истовремено е странка во постапки што јас ги водам. Штетата за мене се состои во тоа што голем дел од јавноста, која природно не ме познава лично и не ја следи детално мојата работа, се информира за мене преку лагите и невистините пласирани во овие соопштенија. Коментарите што следат не се на ниво на јавна дебата, туку претставуваат директни клевети и навреди како продолжение на партиските соопштенија“, се расплака Ристоска.
„Дали тужителката била напаѓана од СДСМ и од ДУИ додека беа на власт?“, праша адвокатот на тужената страна.
„Да, бев предмет на напади, повеќе би рекла критики во времето на СДСМ и ДУИ. Моето однесување тогаш не беше поразлично од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја практикуваше власта. Јас бев единствениот обвинител што отворено зборуваше за недостатокот на реформи и јавно го критикуваше Советот на јавни обвинители. Дополнително, упатив критики и за измените на Кривичниот законик од 2023 година. Да не зборувам за тоа дека сите обиди за мое унапредување беа безуспешни, а од страна на тогашниот министер за правда бев изложена на дискриминација со образложение дека сум била млада и имало време кога да напредувам, спор за дискриминација што го добив во судска постапка“, одговори Ристоска.
„Дали надоместоците ги дававте на СДСМ и ДУИ за да ги користат против партиски неистомисленици?“, допраша адвокатот врз основа на наводите од партиските соопштенија.
„Апсолутно не“, одговори Ристоска.
Таа додаде и дека во текот на целиот период на функционирање на СЈО, финансиските средства биле одобрувани од министрите за финансии и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Адвокатката на ВМРО-ДПМНЕ немаше дополнителни прашања и поднесе приговор на целиот исказ на Ристоска, оценувајќи дека „исказот е за да се привлече внимание“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



