Вистинска трагедија е што приклучувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија трае олку долго, вели поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Папандреу, во изјава за емисијата „Надворешна” на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Како еден од клучните автори на познатата Солунска агенда од Самитот во Солун во 2003, каде што ЕУ за првпат се обврза и даде ветување за европската иднина на сите држави од Западен Балкан, Папандреу го коментираше новиот документ на Комисијата за проширување, велејќи дека не смее да им се дозволи на земјите-членки правото на вето да го користат против самиот европски процес.
Папандреу ја повика ЕУ директно да се вклучи во олеснувањето и да помогне во решавањето на нашиот спор со Бугарија, но и на постоечките билатерални прашања на Балканот.
„ЕУ треба да биде повеќе инволвирана и да помага. Ова не се однесува само за проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку мислам и на други земји од Западен Балкан кои можат да се придружат, Косово, Србија и БиХ. Ова се прашања каде што ЕУ треба да има улога и кои ако не се решат позитивно, можат да станат идни проблеми внатре во ЕУ. Европа мора да има не само позитивен поглед, туку и да биде поактивна и да се труди да ги реши сите овие прашања. И тоа не само легалистички, туку директно да се вклучи и да ги земе предвид сите приоритети и грижи и на постојните членки и на кандидатите“, рече Папандреу.



