ШТИПСКОТО МАТИЧНО ОДДЕЛЕНИЕ ПОКРИВА 14 ОПШТИНИ СО САМО ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ, НЕМА НОВИ ВРАБОТУВАЊА СО ГОДИНИ

    ШТИПСКОТО МАТИЧНО ОДДЕЛЕНИЕ ПОКРИВА 14 ОПШТИНИ СО САМО ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ, НЕМА НОВИ ВРАБОТУВАЊА СО ГОДИНИВработените велат дека странките со право реагираат, но дека тие физички се немоќни да ја завршат целата работа (Фото: СДК.МК)

    Во штипското Одделение за матични книги, од вкупно шест шалтери за вадење документи, изводи и потврди, со месеци работат само два, со двајца вработени: еден референт-матичар и еден помошник-референт за матични книги.

    Со оглед на реакциите на странките кои доаѓаат да извадат разни изводи и решенија од матичните книги, вработените биле принудени на секој шалтер каде што веќе нема вработени да постават информативни натписи дека шалтерот не е во можност да издава документи. Двајцата вработени, колку што можат да постигнат, кога имаат дополнително време доброволно им излегуваат во пресрет на граѓаните и ги издаваат бараните документи. Во просек, месечно изработуваат и врачуваат над 1.000 документи.

    „Десет години вадам разни изводи за членовите на моето семејство. Не можам да дојдам на ред од странките кои за истите работи доаѓаат во Одделението за водење матични книги во Штип, затоа што за истите изводи, најмногу за родени и за венчани, доаѓаат луѓе од сите градови од Источна Македонија. Најголема е гужвата кога има некаков оглас, конкурс или кога се уписите во образованието, кога на кандидатите им се бараат нови изводи“, велат повеќе странки со кои разговаравме пред Матичното одделение.

    Од Одделението за матични книги велат дека и писмено и преку интерни телефонски разговори постојано бараат нови вработувања, но добиваат само ветувања. Според систематизацијата, ова Одделение уште пред десет години имало потреба од најмалку седум вработени, бидејќи издава документи на граѓани од сите градови во Источна Македонија, со над 300.000 жители. Но, наместо тоа, во последните пет-шест години Одделението работело само со тројца матичари. Пред неколку месеци, една нивна колешка била префрлена во Скопје, па Одделението останало само со двајца матичари, кои, покрај сета работа, имаат обврска да одат и на закажаните венчавки и други брачни регистрации.

    Директорот на Управата за водење матични книги во Скопје, Фатон Фазлиу ни изјави дека Управата е запозната со проблемот со недостиг на кадар и со предизвиците со кои се соочуваат вработените во ова одделение, имајќи ја предвид неговата надлежност за повеќе општини во Источниот Регион.

    „Свесни сме дека станува збор за поширок проблем кој не се однесува само на Штип, туку и на потребата од подобрување на кадровските капацитети и во други подрачни одделенија во државата. Во таа насока се преземаат активности за надминување на состојбите и за подобрување на функционирањето на службите, со цел граѓаните да добиваат навремени и квалитетни услуги. Веруваме дека во наредните пет до шест месеци ќе успееме успешно да го надминеме и затвориме ова прашање, преку соодветни решенија за кадровско екипирање и подобрување на условите за работа“, вели Фазлиу.

    Вработените велат дека дека барањата на граѓаните ги примаат во текот на целиот ден, а документите што можат да ги издадат им ги врачуваат веднаш. Останатите изводи и документи ги изработуваат наутро кога доаѓаат и порано на работа, само за да ги завршат бараните услуги. Велат има повеќе помали градови во Македонија кои имаат двојно повеќе вработени од штипското оддление.

    Граѓаните потенцираат дека ваквите кадровски проблеми не се решаваат, а токму од услуги од овој вид најмногу се полни државната каса. Еден извод на родените или умрените се плаќа по 170 денари на шалтер со картица, односно 250 денари ако уплатата е во банка или во пошта.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира