Со факели и чадни бомби синоќа во скопски Чаир беше пречекан Артан Груби, кој излезе од куќен притвор откако судот му ја укина мерката. Артан Груби, кој беше прв вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ, е второобвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службена положба и овластување и штета од 9,7 милиони евра во државната компанија. Судењето почна на 24 август.
Од Кривичниот суд соопштија дека одлуката за укинување на куќниот притвор е донесена поради истекување на законски дозволениот рок од 60 дена, сметано од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Судот не му ја прифати понудената гаранција за барањето да му биде вратен пасошот. Тој има и забрана да го напушта Скопје додека трае судењето. На рочиштата Груби изјави дека не се чувствува виновен.
По 14 месеци бегство во Косово, Груби се предаде на Блаце на 23 февруари 2026 и спротивно на досегашната пракса за бегалци од правдата, не остана во притвор туку по неколку часа во затворот во Шутка, кажа дека не се чувствувал безбеден во Шутка, па обвинителот, оперативци од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и судијата на претходна постапка веднаш го извадија од затворот со предлог за мерка куќен притвор.
За купени апарати за игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра во Државна лотарија на Македонија во 2023 и во 2024, обвинети се вкупно осуммина: ексвицепремиерот Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, ексгенералниот секретар на владата Методија Димовски, како и поранешните членови на надзорен одбор на ова државно претпријатие: Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди и Бојан Јанев.
На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
- И ОД ВТОРИОТ СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕ КАДЕ КОНКРЕТНО ЗГРЕШИЛЕ АРТАН ГРУБИ И ОСТАНАТИТЕ 8 ОБВИНЕТИ ВО НАБАВКАТА НА МАШИНИ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА ЗА „ЛОТАРИЈА“
- ДВАЈЦА УАПСЕНИ ВО НОВИ ПРЕДИСТРАГИ ЗА ПРОНЕВЕРА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, НА СУДЕЊЕТО ГЛАВНИОТ СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО СВЕДОЧЕШЕ ВО КОРИСТ НА ОБВИНЕТИТЕ
Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.



