ДИРЕКТОРОТ АНАКИЕВ МЕ НАТЕРА ДА РАБОТАМ ПРОТИВ СЕБЕ, ПО ШТО КАЧИВ ПРИТИСОК И ШЕЌЕР, БАРАВ МИСЛЕЊЕ ОД АДВОКАТ И ОД СИНДИКАТОТ, СВЕДОЧИ ИНСПЕКТОРКА НА СУДЕЊЕТО ЗА МИТО ОД 50.000 ЕВРА ВО ГАРАЖА

    ДИРЕКТОРОТ АНАКИЕВ МЕ НАТЕРА ДА РАБОТАМ ПРОТИВ СЕБЕ, ПО ШТО КАЧИВ ПРИТИСОК И ШЕЌЕР, БАРАВ МИСЛЕЊЕ ОД АДВОКАТ И ОД СИНДИКАТОТ, СВЕДОЧИ ИНСПЕКТОРКА НА СУДЕЊЕТО ЗА МИТО ОД 50.000 ЕВРА ВО ГАРАЖААнакиев беше фатен со 50.000 евра мито во гаражата во комплексот во Скопје каде што живее ексминистерот за земјоделие Цветан Трипуновски. (Фото: СДК.МК)

    По сопствениците на оштетената фирма од Делчево на кои според обвинението, ексдиректорот на Земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев им барал 100.000 евра мито за да им ги пушти петте камиони со вештачко ѓубре на граница, денеска сведочеше фитосанитарната инспекторка Весна Велиновска, која од Анакиев и раководителите под него, ја добила наредбата камионите да не ги пушти да влезат.

    Анакиев беше фатен со 50.000 евра мито во гаражата во комплексот во Скопје каде што живее ексминистерот за земјоделие Цветан Трипуновски. Против него е поднесен Обвинителен акт за кривично дело – Примање поткуп.

    Велиновска е вработена во Државниот земјоделски инспекторат. Постапувала на конкретен увоз на фирмата “Манови”, кои го пријавија Анакиев во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

    „Хронолошки настаните почнаа на 2.03.2026 година. Бевме викнати на ГП Делчево во контрола, дали тоа ѓубре е во ред. Раководителката ми даде упатство кои документи да ги бараме, зашто ѓубре во рефус не смее да влезе. Ние им кажавме на шпедициите да не влегуваат камиони дури ситуацијата не се реши, но на шести трети влезе еден камион, а после уште 4. На шести се јавив да прашам како да постапам зашто имаше забрана. Петте камиони беа од ‘Манови’ од Делчево. Не ми одговорија на мејлот”, одговараше Велиновска на прашањата на обвинителката Искра Хаџивасилева.

    Рече дека имала уште неколку повици од раководителката која и’ рекла да ги врати камионите по член 19 од Законот за ѓубре.

    „Јас и’ кажав дека член 19 се однесува на пласирање на пазарот во Македонија, а член 20 е за увоз”, одговори сведокот.

    „Зошто моравте да и’ го појаснувате ова?”, праша Хаџивасилева.

    „Години наназад влегува ѓубре во рефус во Македонија. На сите премини во Македонија и кај сите мои колеги. После влегувањето, од ЕКСИМ се праќаат инспектори во контроли, тие гледаат дека е во рефус и ако е во ред, даваат сертификат за него. Не било забрането никогаш со закон”, рече фитосанитарната инспекторка.

    „Што бараа од вас?”, допраша обвинителката.

    „Имав притисок да ги вратам камионите назад, да работам обратно од досега. Затоа решив да му пишам на директорот. Се консултирав и со адвокат да не направам грешка. Се чув и со претседателот на синдикатот. Сите ми рекоа дека ѓубрето во рефус треба да влезе”, раскажуваше сведокот.

    „Колку стоеја камионите?”, беше следното прашање.

    Камионите на пријавителите на барањето поткуп, браќата Манови од Делчево, на граница стоеле цела недела. На шести март стигнале, а на 13 март ги вратиле назад кон Бугарија.

    „Директорот Анакиев на седми март кога се чувме, ми рече дека се консултирал со правници и оти досега се работело надвор од законот. Рече камионите да се вратат и оти отсега ќе се работи вака“, кажа сведокот.

    „Што се случуваше во наредните денови до 13 март?”, праша понатаму обвинителката.

    „Од фирмата ни се обратија писмено, ни доставија барања за влез. Тогаш им дадов забрана официјално и камионите се вратија во Бугарија. Немавме обврска да внесуваме забрана во системот за увоз на некоја стока. Сме добивале мејлови да внимаваме за некои пратки. А во овој случај немавме мејл да се вратат. Добивме мејл од раководството на 16 март кога физички беа вратени сите камиони на оваа фирма назад во Бугарија”, одговори Велиновска и во продолжение на прашање како се чувствувала во однос на таквите насоки од директорот Анакиев, рече:

    „Тоа е многу непријатно да се доведете во ситуација да работите против себе и против сите колеги што работеле на тој начин. Јас на лекар бев, притисок и шеќер качив зашто ми беше наложено да работам против себе и на нечија штета”, кажа инспекторката.

    Адвокатот на обвинетиот Васе Анакиев во вкрстени прашања, побара потврда од сведокот дали раководителката е Маја Петрушева, на што таа одговори потврдно. Додаде и дека мејл-комуникацијата била уште со две надлежни од Инспекторатот.

    Во следните прашања адвокатот добиваше одговори дека инструкциите инспекторката-сведок цело време ги добивала од раководителката, но таа самата потсетуваше: „Да, од неа, ама и лично од директорот кога му се јавив”.

    На 14 март на Весна и’ кажале возачите на камионите на “Манови” дека на 13 кога си заминале од преминот Делчево, се упатиле на ГП Деве Баир и таму без проблем влегле во Македонија.

    Сепак мејлот до сите инспектори повеќе да не може да се увезува вештачко ѓубриво во рефус, се уште е во сила, одговори сведокот на вкрстените прашања од адвокатот на Анакиев.

    Потоа премина во директно испитување – дали удрила печат на анализата на ѓубривото, на што таа одговори потврдно. На следно прашање дали со црвен печат смее да се пушти пратка на граничен премин, таа одговори негативно.

    Во дополнително прашање, обвинителката допраша: „Дали откако е во сила забраната за увоз на ѓубре во рефусна состојба, се врши увоз, инспекторката кажа:

    „Никаде во законот не пишува дека има забрана за увоз рефусно ѓубре, освен за амониум нитрат кое е експлозивно и забрането. Не е забрането увоз на ѓубре уреа, а во конкретниот случај се работи за уреа”.

    За крај инспекторката кажа дека на забраната-мејл со која не се согласуваат инспекторите, покрај тројцата раководители, потпишан е и директорот, обвинетиот Васе Анакиев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира