СО ТРАНСПАРЕНТИ И СВИРЧИЊА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ТЕТОВСКИОТ СОВЕТ СЕ ПРОТИВЕШЕ НА ДОНЕСУВАЊЕТО ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ЗА ИЗГРАДБА НА ДЕЛОВНО-АДМИНИСТРАТИВЕН ОБЈЕКТ

    СО ТРАНСПАРЕНТИ И СВИРЧИЊА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ТЕТОВСКИОТ СОВЕТ СЕ ПРОТИВЕШЕ НА ДОНЕСУВАЊЕТО ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ЗА ИЗГРАДБА НА ДЕЛОВНО-АДМИНИСТРАТИВЕН ОБЈЕКТФизибилити студијата предлага на местото каде што сега се наоѓа објектот на Противпожарната единица на Општина Тетово да се изградат две големи згради (Фото: СДК.МК)

    Со транспаренти и со заглушувачка врева од свирчиња од страна на дел од опозицијата помина денешната 19. седница на Советот на Општина Тетово. Двете точки од дневниот ред, а кои се однесуваа на предлог-одлуката за усвојување физибилити студија за изградба на административно-комерцијален објект во Тетово, силно ги разгоре страстите и предизвика неколкучасовна расправа.

    Опозицијата напаѓаше дека се работи за студија во која има многу грешки и која дополнително ќе ја задолжи општината за 28 милиони евра, додека власта, особено градоначалникот Билал Касами, ја оправдуваше студијата, велејќи дека нуди начини како ќе може да се реши просторниот проблем на вработените од повеќе јавни претпријатија од општината.

    Физибилити студијата предлага на местото каде што сега се наоѓа објектот на Противпожарната единица на Општина Тетово да се изградат две големи згради, од кои во дел од едната би се сместила администрацијата на општинските јавни претпријатија, а долниот дел би бил наменет за Противпожарната единица.

    „Според математиката во физибилити студијата, Општината на почеток има право на 15% од просторот, од вкупно 60% колку што би ѝ следувале, а преостанатите 45% треба да ги купи од инвеститорот за сума од 7,7 милиони евра, што треба да ги плати во рок од пет години. Кога на Комисијата за финансии ни ја образложуваа студијата, во графата стоеше дека изградбата ќе чини 24,5 милиони евра, а во крајниот збир стоеше 28,5 милиони евра. Кога им укажавме на грешката, наместо да се коригираат, изготвителите на студијата за два часа направија нова пресметка и додадоа уште четири милиони евра за градежни работи. Исто така, мислам дека е крајно неприфатливо јавен простор што е на граѓаните на Тетово да се остави на инвеститорот да прави што сака“, изјави Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“.

    За градоначалникот Касами нема ништо спорно во студијата, бидејќи, како што вели, негова основна цел е повеќето јавни претпријатија, кои сега се раштркани во повеќе објекти, да добијат современи услови за работа и сите да бидат на едно место и подостапни за граѓаните.

    „Ние нема што да криеме, ние сме заинтересирани докрај да дебатираме, затоа што цениме дека ова е еден од најголеми проекти за Тетово, покрај другите милионски проекти. Просторот таму овозможува Пожарната станица да остане на тоа место, само времено ќе се дислоцира додека не се изгради објектот, со што ќе обезбедиме подобри услови за работа на пожарникарите и другите вработени во јавните претпријатија“, рече Касами.

    Седницата на Советот двапати беше прекината заради консултации на одборничките групи, но тие консултации поминаа без договор. Затоа дел од советниците од опозицијата со транспаренти и свирчиња ги попречуваа работењето и дискусиите по оваа точка од дневниот ред.

    По повеќечасовна дискусија и докажување, при што се побара изградбата првин да оди на референдум, претседавачот на Советот на Општина Тетово, Јусуф Абдули, ја прекина седницата и најави дека по овие две точки повторно ќе се расправа на наредната седница.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира