ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО ВЕВЧАНИ ЗА ПРВПАТ ДОБИ КОМПЈУТЕРСКИ АПАРАТ ЗА ПРЕЦИЗНО ИСПИТУВАЊЕ НА ВИДОТ

    ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО ВЕВЧАНИ ЗА ПРВПАТ ДОБИ КОМПЈУТЕРСКИ АПАРАТ ЗА ПРЕЦИЗНО ИСПИТУВАЊЕ НА ВИДОТЗдравствениот дом обезбедува и итна медицинска помош за Вевчани, Лабуништа, Подгорци, Октиси, Велешта и други населени места со вкупно 25.000 жители. (Фото: СДК.МК)

    Нови медицински апарати, опремување на дерматолошка служба, реконструкција на системот за парно греење и подобрување на условите во здравствената установа се дел од активностите што ги реализира Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани, со поддршка од Владата, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и преку донации.

    За првпат, Офталмолошката амбуланта доби нов автоматски кераторефрактометар – компјутерски апарат за брзо, автоматско и прецизно испитување на видот и геометријата на окото. За потребите на офталмолошката служба обезбедена е и лупа од 90 диоптрии, наменета за дијагностицирање заболувања на рожницата и анализа на очниот нерв.

    „Ова е уште една потврда дека го подигнуваме квалитетот на офталмолошката грижа за здравјето на очите на нашите пациенти. Прецизна дијагностика, брзи прегледи, поздрави очи, тоа е нашата грижа за секој пациент. Продолжуваме да ја модернизираме опремата за што поквалитетна здравствена услуга за нашите сограѓани“, изјави директорката на Здравствениот дом во Вевчани, Рената Пешиноска.

    Здравствениот дом обезбедува и итна медицинска помош за Вевчани, Лабуништа, Подгорци, Октиси, Велешта и други населени места. Според установата, располага со шест редовни тима за итна медицинска помош, со кои покрива околу 25.000 жители.

    Меѓу набавената опрема се и дерматоскоп, електрокаутер, криоспреј и медицински инструменти за новата дерматолошка служба, како и ЕКГ-апарати и дефибрилатор.

    „Обезбедивме нови ЕКГ-апарати за Здравствениот дом во Вевчани. Потреба од оваа услуга имаат околу 150 пациенти неделно. Со тоа се унапредуваат можностите за навремена и прецизна дијагностика на срцевата функција, овозможувајќи поквалитетна здравствена услуга за нашите пациенти“, вели Пешиноска.

    Дополнителна медицинска опрема е обезбедена и преку донации. Меѓу неа се два ултразвучни апарати за РТГ-службата, компјутерски радиографски систем за дигитализација на рендген-апаратите, центрифуга и петдиференцијален крвен бројач со ЦРП за лабораторијата, како и концентратори за кислород.

    Од Здравствениот дом велат дека се воведени и ехо-доплер прегледи на каротидните и периферните артерии и вени, како и ултразвучни прегледи на колковите кај бебиња до една година. Обезбеден е и монитор за следење на виталните параметри, со што дополнително се унапредуваат дијагностичките можности на установата. Во тек е постапка за јавна набавка на нов ултразвучен апарат за кардиологија.

    Покрај набавката на медицинска опрема, реализирани се и градежни активности за подобрување на условите во објектот. Од установата велат дека целосно е реконструиран системот за парно греење, со што се подобрени неговата ефикасност, стабилност и безбедност. Завршена е и постапката за јавна набавка на услуги за изработка на проект за надградба, реконструкција и ентериерно уредување на поткровјето и покривот на објектот, а проектната документација е во фаза на изработка.

    За кадровските капацитети, установата која обезбедува специјалистичко консултативни услуги и за пациенти од Дебар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево , Маврово и Ростуше, во моментов има седум специјализанти од различни области, меѓу кои педијатрија, пулмологија и алергологија, интерна медицина, кардиологија, ургентна медицина, гастроентерохепатологија и медицина на трудот.

    „Дополнително, по потреба се обезбедуваат и приправни екипи составени од лекар, медицинска сестра и возач. Тријажата на пациентите се врши исклучиво според итноста на состојбата и проценката на тимовите од итната помош, независно од тоа за кое населено место станува збор на територијата што ја покриваме“, велат од Здравствениот дом Вевчани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира