АКО РУСИЈА ПОБЕДИ ВО ВОЈНАТА 20 МИЛИОНИ УКРАИНЦИ ЌЕ ИЗБЕГААТ ВО ЕВРОПА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ

    АКО РУСИЈА ПОБЕДИ ВО ВОЈНАТА 20 МИЛИОНИ УКРАИНЦИ ЌЕ ИЗБЕГААТ ВО ЕВРОПА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ„Русија нè убива, не сака да запре“, рече Зеленски на самитот на лидерите на Европската Унија во Брисел. (Фото: АП)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека дури 20 милиони Украинци би можеле да бидат принудени да побегнат во Европа доколку неговата земја падне под руска власт.

    „Русија нè убива“, рече Зеленски на вчерашната прес-конференција на самитот на лидерите на Европската Унија во Брисел, додавајќи дека Украинците се „истеруваат“ од својата земја. „Русија не сака да запре“.

    Во првите денови од руската целосна инвазија, милиони Украинци ги напуштија своите домови, што претставуваше најбрза и најголема бегалска криза во Европа по Втората светска војна. Според податоците на „Еуростат“, денес повеќе од 4 милиони Украинци живеат во земјите на ЕУ под статус на привремена заштита, при што најголем број од нив се наоѓаат во Германија, Полска и Чешка.

    Ова сериозно предупредување од Зеленски следи во момент кога Украина влегува во сурова, петта воена зима под руско бомбардирање. Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), следната година Киев ќе се соочи со буџетски дефицит од 30 до 35 милиони долари – дури и земајќи го предвид заемот од 90 милијарди евра што Брисел се согласи да го обезбеди минатата година.

    Украинскиот претседател дојде во Брисел за да се сретне со европските лидери и да обезбеди финансиска поддршка за својата земја, која се наоѓа во тешка положба. Вчера, Зеленски побара од лидерите на Европската унија дополнителна поддршка за наредните години.

    „Војната следната година ќе чини 155 милијарди евра, а од вас ни се потребни најмалку уште 70 милијарди евра за одбрана, за оружје и за нашата отпорност“, им рече Зеленски на лидерите на ЕУ на самитот во Брисел. Тој нагласи дека станува збор за „реалистична сума“ и додаде: „Ве молам да ја обезбедите оваа поддршка“.

    „Можете да сметате на нас“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, говорејќи во Брисел заедно со Зеленски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

    Иако ЕУ е најцврстиот поддржувач на Украина, листата на приоритети на Унијата е преполна со предизвици: растечките трошоци за енергија, претстојните избори, геополитичките кризи и застојот околу буџетот од 2 трилиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира