Сликата „Шахистите“ на македонскиот уметник Никола Мартиноски (1903-1973), масло на платно која ја насликал за време на неговиот престој во Париз во 1928, се продаде за 44 илјади евра на аукција во Тулуз, Франција на 14 октомври. Приказната за продажбата на делото, за кое вели дека е антологиско, ја објави Влатко Милошевски кој речиси 30 години како професионалец во областа на електрониката и компјутерските науки живее во Ајндховен, Холандија, а во слободното време е пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела по аукциски куќи, саеми за антики и онлајн уметнички галерии и музејски продажби. „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов
„44 илјади евра. Тоа беше највисоката понуда на победникот на наддавањето на сликата под реден број 34: ‘Nikola Martinoski, 1903–1973), The Chess Players’ на аукцијата на француската ауксионерска куќа ‘Камиј Шабру’ (Camille Chabroux Maison de ventes aux enchères) од Тулуз, Франција. Сликата беше претходно проценета на вредност помеѓу 4 и 6.000 евра од таксаторската куќа ‘Кабинет Шаноа’ од Париз. Што значи, крајната цена ја надмина проценетата вредност за 10 пати. Аукцијата се одржа минатата среда, во еден необичен пладневен термин околу 15 часот, време кога нормално луѓето се на работа. Но, сигурен сум дека голем број на македонски колекционери за миг ја баталиле работата и се залепиле на директниот пренос од аукцијата, пренесуван од францускиот портал ‘Друо’ (Drouot)“, се вели во објавата на Милошевски на неговиот фејсбук профил.
Од скопската „Галерија Мартиноски“ на Фејсбук објавија дека галеријата учествувала на аукцијата во Тулуз.
„Вложивме огромен напор шахистите да дојдат во Македонија но другите учесници дадоа подобри понуди. Му честитавме на победникот и добивме ветување дека делото ќе биде достапно на македонските научници, а ќе се разгледа и опцијата ‘Шахисти’ барем привремено да се изложи и кај нас“, велат од галеријата.
Милошевски вели дека Мартиноски ги насликал „Шахистите“ во некое париско бистро во 1928 за време на неговиот двегодишен престој во Париз. Според него, ова е можеби неговата најдобра слика која ја насликал во Париз за време на тој негов престој. Сликата ја комбинира париската кубистичка авангарда од тие доцни 1920-ти години со личниот експресивен стил на Мартиноски.

Мартиноски ја подарил сликата на некој негов пријател Французин, и од тогаш сликата се наоѓа во Јужна Франција. (Фото: Фејсбук на Влатко Милошевски)
„Во ликовите на шахистите има толку многу динамика, толку многу живот, што едноставно човек не може да го оттргне погледот од сликата и не може а да не се запраша ‘Што зборуваат толку жустро шахистите?’“, вели тој.
Според него, купувачот е сопственикот на најдобрата уметничка галерија на југословенските простори, со седиште во Белград.
„Човекот, или негов емисар беше присутен на аукцијата во Тулуз, најверојатно веднаш ќе ја подигне и донесе во Белград. Човекот има доблест и веќе прати сигнал дека сликата ќе биде достапна до нашите историчари на уметност за нејзина подетална анализа. Тоа е добра работа – барем се знае каде е сликата“, вели Милошевски.
Милошевски вели дека скоро секогаш е скептик кога во странство ќе се појави некое дело на македонските најславни сликари, оти знае дека во регионот циркулираат огромен број фалсификати. Но, овојпат, на прв поглед му било јасно дека се работи за вистинско дело, проверил со двајца од најголемите македонски големи познавачи на Мартиноски, кои не само што немале сомнеж, туку и сликата им била позната.
Мартиноски ја подарил сликата на некој негов пријател Французин, и од тогаш сликата се наоѓа во Јужна Франција.
„Некаде пред ковид-пандемијата, сопственикот на сликата, претпоставувам сакајќи да ја продаде сликата, ги контактирал нашиве галеристи и музеи. Но, најверојатно цената која ја барал била превисока за нашиот стандард. На сликата и на сопственикот им се губи трагата, сѐ до денес кога сликата се појавува на аукцијата во Тулуз. И се продава за 44.000 евра. На оваа крајна цена аукционерската куќа зема 24% провизија – што значи дека крајната куповна цена е 55.000 евра. Сликата е во лоша состојба, постојат повеќе пукнатинки во бојата, мали дупчиња и загуба на боја во некои точки. На сликата ѝ е потребна професионална ресторација која според мене во најмала рака би чинела 1.000 евра. Ако се додаде и цената на транспортот тогаш куповната цена достигнува 60 000 евра“, вели Милошевски.
- ХОЛАНЃАНЕЦ НА ИНТЕРНЕТ ПРОДАВАЛ КОСКИ ОД РИМСКИ ВОЈНИЦИ НА ДИВО ИСКОПАНИ ВО МАКЕДОНИЈА
- ЛЕКСИКОНОТ НА СТРАНСКИ СЛИКАРИ ВО МАКЕДОНИЈА Е ПОРТА ЗА НАС ВО МИНАТОТО – ПРОМОВИРАНО ИЗДАНИЕТО НА МИЛОШЕВСКИ И АНДОНОВ
- ГЕРМАНСКИ ВОЈНИК ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ГО КОРИСТЕЛ МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ВЕЗ ЗА ДА ПРАЌА ШИФРИРАНИ ПОРАКИ



