Артан Груби за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека за сведоци во суд ги предложил сите министри присутни на владината седница на 6.06.2023 година на седницата со која тој раководел, а на која била донесена одлуката да се набават спорните вл-терминали за Државна лотарија во вредност од 9,7 милиони евра.
На таа седница не биле само тогашниот премиер Димитар Ковачевски и тогашните министри: Славјанка Петровска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Тројцата министри биле заменувани од нивните заменици.
За сведоци во негов прилог Груби ги предложил тогашните: вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ (СДСМ), вицепремиер за економски прашања: Фатмир Битиќи (СДСМ), вицепремиер задолжен за добра владејачка политика: Славица Грковска (СДСМ), ресорните министри за: надворешни работи: Бујар Османи (ДУИ), за финансии: Фатмир Бесими (ДУИ), за правда Кренар Лога (Алијанса за Албанците), за здравство Фатмир Беким Сали, за информатичко општество и администрација Азир Алиу (Алијанса за Албанците), за животна средина и просторно планирање Каја Шукова (СДСМ), за труд и социјална политика: Јована Тренчевска (СДСМ), за транспорт и врски Благој Бочварски (СДСМ), за култура: Бисера Костадиновска-Стојчевска (СДСМ), за образование и наука: Јетон Шаќири (ДУИ), за економија: Крешник Бектеши (ДУИ), за локална самоуправа: Ристо Пенов (ЛДП), како и замениците-министри за внатрешни работи, за одбрана и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Денеска рочиштето за Државна лотарија по три одлагања поради обуки на двајцата обвинители, повторно се одложи зашто сведокот Н. Хоџа, оправдано била отсутна и не можела да дојде да сведочи.
Иако се работи за обвинителен предлог и судењето требаше да оди многу брзо, тоа засега не се случува.
На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
Обвинителството тврди дека обвинетите биле свесни оти АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.
И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.
Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.
Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали.
Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.
Адвокатите и обвинетите цело време тврдат дека од оваа јавна набавка штета нема, затоа и Обвинителeтвото не побарува штета во овој предмет. Велат дека таа цифра 9,7 милиони евра не е проневера, не е штета, тие пари не се украдени, а е вредност на апаратите кои уште се имот на Државна лотарија и чија вредност според нив, само расте. Додаваат дека Лотарија имала забрана само за организирање игри на среќа на Интернет, а не и со (купените) апарати.
С. К. ДЕЛЕВСКА



