Истакнатата македонска актерка и доајенка на битолскиот Народен театар, Соња Михајлова, е добитничка на највисокото општинско признание „4 Ноември“ за животно дело, што Општина Битола традиционално го доделува за Денот на ослободувањето на градот.
Михајлова дипломирала на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, во класата на Љубиша Ѓоргиевски. Од 1984 е дел од ансамблот на Народниот театар во Битола, каде што работеше до пензионирањето во 2022. Остварила повеќе од 150 театарски улоги, а играла и во телевизиски серии и филмови. Во 2025 ја доби наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“. Меѓу нејзините понови остварувања е авторската монодрама „Куфер.МК“, во која ги претставува личните искуства од четири децении работа во театарот, како и улогата во новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, чија премиера е на 30 октомври на Филмскиот фестивал во Токио.
Одлуката за доделување на наградата ја донесе Управниот одбор за доделување на признанието „4 Ноември“. Од 17 кандидати за наградата за едногодишни достигнувања, одборот ги избра долгогодишниот спортист и тренер Кире Марков, универзитетскиот професор Ѓоран Илиќ и педијатарката и неонатолог д-р Маргарита Камбовска.
- 17 НОМИНАЦИИ ЗА НАГРАДАТА „4 НОЕМВРИ“ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БИТОЛА
- НЕМА КОЈ ДА ГИ УРЕДИ РАСПАДНАТИТЕ ПАРТИЗАНСКИ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА, А БУГАРИЈА, СРБИЈА, ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА СИ ГИ ОДРЖУВААТ СРЕДЕНИ СВОИТЕ ВОЕНИ ГРОБИШТА ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА
И годинава имаше голем број предлози за наградата за едногодишни достигнувања, меѓу кои беа кандидирани директори на јавни установи, па и институции номинирани од раководителите, но не успеаја да ја добијат наградата.
Битола беше ослободена од партизаните на 4 ноември 1944 година, а годинава одбележува 82 години од ослободувањето. Дел од борците што ги положиле животите за слободата се погребани на Партизанските гробишта во Битола, каде што се поставени и спомен-плочи во нивна чест. Но, гробиштата се оставени да тонат во заборав. Приодната патека се распаѓа, потпорниот ѕид и дел од скалите се во лоша состојба, а најголем дел од надгробните плочи се потемнети.
Од Општина Битола и од Сојузот на борците ни рекоа дека за одржувањето на гробиштата е задолжено Јавното претпријатие „Комуналец“. Оттаму, пак, велат дека под нивна надлежност е само патеката до гробиштата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



