ПОД ИСТРАГА СЕ ТРИ ЛИЦА ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО И ДВЕ ОД ПРИВАТНА БОЛНИЦА ПОРАДИ ДВОЈНА НАПЛАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ ЗА УСЛУГИТЕ, МВР ПОДНЕСЕ 11 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ, 8 УАПСЕНИ

    ПОД ИСТРАГА СЕ ТРИ ЛИЦА ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО И ДВЕ ОД ПРИВАТНА БОЛНИЦА ПОРАДИ ДВОЈНА НАПЛАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ ЗА УСЛУГИТЕ, МВР ПОДНЕСЕ 11 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ, 8 УАПСЕНИКлековски рече дека во време кога бил директор на Фондот бил иницијатор на истрагата, бидејќи станува збор за здравствена установа која имаше повторувачки прекршоци со години. (Фото: Министерство за здравство)

    Три лица од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и две лица од приватна здравствена установа се инволвирани во случајот со злоупотреба на средства од таа институција за што МВР спроведува акција, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

    МВР соопшти дека се поднесени кривични пријави против 11 лица и една приватна здравствена установа за Злоупотреба на службената положба и овластување, Несовесно работење во службата, Фалсификување или уништување деловни книги, Измама во службата и Перење пари и други приноси од казниво дело, а осум лица се лишени од слобода.

    Станува збор за повеќе видови на прекршоци, една од најмасовните е двојна наплата на пациентите односно земени се пари од Фондот за одредена услуга за која има договор и таа услуга под различни превези и изговори е наплаќана од пациентите.

    Клековски кажа дека акцијата што ја спроведува МВР утринава е повеќемесечна, и е темелена на повеќе од една година истрага.

    „Во акцијата е вклучена една приватна здравствена установа која имаше договор со Фондот за здравствено осигурување и неколку лица од Фондот. Станува збор за злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување. Се надевам дека МВР наскоро ќе излезе со повеќе детали. Можам само да ја потврдам акцијата, да ја потврдам соработката и да изразам голема благодарност на истрајноста и упорноста на вработените во МВР и на Јавното обвинителство, што конечно една од ситуациите на кои работевме изминатите две години доаѓа до одредена завршница, барем во однос дека ќе има кривични пријави и судска постапка“, рече Клековски на настан посветен за активностите на Клиниката за неврологија.

    Клековски рече дека во време кога бил директор на Фондот бил иницијатор на истрагата, бидејќи станува збор за здравствена установа која имаше повторувачки прекршоци со години – значи не е една, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не било соодветно казнувана.

    „Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост. Истовремено побарав да се покрене истрага. МВР заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравствено осигурување напорно работеше да се завршат сите работи. Беа вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови и други установи, за од сите аспекти да се затвори истрагата“, додаде министерот.

    „Денеска (29.10.2026) од страна на полициски службеници при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за ГОКК, спроведена е полициска акција, во рамки на истрага за сомнежи за незаконски постапки поврзани со операции на очи, при што сузбиена е криминална група, дел од нив поранешни и сегашни функционери на Фонд за здравствено осигурување во РСМ. Во рамки на акцијата, врз основа на претходно обезбедени Наредби од Основен кривичен суд извршени се претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и Куманово, при што лишени од слобода се осум лица, а при извршените претреси пронајдени и одземени се парични средства околу 50,000 евра и мобилни телефони“, соопшти МВР.

    Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.5) в.в (чл.45) од Кривичниот законик, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“ (чл.353-в ст.3) в.в (чл.45) од Кривичниот законик, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“ (чл.280) од Кривичниот законик, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.3) в.в (чл.45) и „измама во службата“ (чл.355) од Кривичниот законик, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“(чл.353-в ст.2) в.в (чл.45) од Кривичниот законик и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“ (чл.273 ст.12) в.в (чл.22 и чл.45) од Кривичниот законик.

    Според наводите во пријавата, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на Фондот. Претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при неговото одобрување. Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, при што им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО.

    Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите.

    Постојат и сомнежи дека средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во установата знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за плати, набавки и други исплати.

    Според пријавата, штетата на буџетот на ФЗО изнесува 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра, за исплати по фиктивни фактури, и дополнителни 525.000 денари за ненаплатени договорни казни. Постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од 261.271.961 денар, односно околу 4,25 милиони евра. Со опишаната двојна наплата, според пријавата, биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира