Самоубиствени мисли или мисли за самоповредување додека биле жртви на сајбернасилство имале 136 ученици од Македонија, што е 8,4 проценти од 1.623 ученици вклучени во истражувањето „Употребата на дигиталните платформи и распространетоста на сајбернасилството во училишната средина“, финансирано од Министерството за образование и наука на Македонија. Со социјална изолација и повлекување се соочиле 183 ученици, или 11,3 проценти.
Во теренското истражување, спроведено од универзитетски професори од Битола, биле вклучени 32 училишта, односно по 16 основни и средни училишта од сите плански региони во државата.
„Мора да се спомене податокот дека учениците изјавиле дека најчесто сајбернасилството го вршат од забава, што дефинитивно укажува на тоа дека учениците не се доволно свесни за последиците што можат да настанат од овој феномен врз психосоцијалниот живот на самите деца“, рече проф. д-р Ивона Шушак-Лозановска, вонредна професорка на Правниот факултет во Битола.
На прашањето кои се најчестите причини (мотиви) за сајбернасилство, 45,4 проценти, или 733 ученици, одговориле дека тоа се прави од забава. Како други причини се наведуваат досадата (41,7 отсто), одмаздата (50,5 отсто), љубомората (60,9 отсто), желбата за моќ и контрола (37,2 отсто) и други.
„Резултатите во однос на виктимизацијата покажаа дека 23,1 процент од испитаниците барем еднаш биле виктимизирани во дигиталниот простор. Во тој процент влегуваат и ученици кои неколкупати биле виктимизирани. Во другите делови од истражувачкиот извештај може да се заклучи дека многу ученици дел од насилното однесување во дигиталниот простор не го перципираат како насилство, туку како некој нормален начин на комуникација. И тоа е друг проблем што бара дополнителна едукација, зашто луѓето кои не го препознаваат насилството не би барале ни заштита, бидејќи сметаат дека не се ни виктимизирани“, рече проф. д-р Ангелина Станојоска, редовна професорка на Правниот факултет во Битола.
Според истражувањето, доминира вербалното насилство, a 77,6 проценти од учениците одговориле дека тоа се манифестира преку навредливи или понижувачки пораки и коментари од соучениците. Но, има и случаи во кои сајбернасилството вклучува употреба на вештачка интелигенција или споделување фотографии и видеа, од кои некои и со интимна содржина.
Околу 34 проценти од учениците одговориле дека биле сведоци на сајбернасилство во нивната училишна средина, а индикативно е тоа што околу 49 проценти од учениците одговориле дека не знаат дали во нивното училиште се случило вакво насилно однесување.
Учениците сè уште имаат најголема доверба во своите најблиски, односно во родителите, на кои први им се доверуваат за ваквите настани.
Истражувањето го спроведоа проф. д-р Ангелина Станојоска, проф. д-р Ице Илијевски, вон. проф. д-р Ивона Шушак-Лозановска, вон. проф. д-р Благој Неновски и м-р Ана Џима.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



