Шкаф кој бил запечатен речиси 2.000 години во Помпеја дава интимен приказ на животот на еден од жителите, пред вулканот Везув да го уништи античкиот римски град. Меѓу пронајдените предмети има прибор за шминкање, парфеми, монети, садови за готвење и амајлии.
Некогаш просперитетниот град Помпеја, во близина на Неапол, бил затрупан од вулканската ерупција во 79 година од нашата ера. На тој начин, зградите, предметите и цртежите биле зачувани под повеќеметарски слој вулканска пепел.
Како што соопштија од археолошкиот локалитет, археолозите составиле делови од дрвениот шкаф врз основа на трагите откриени во една куќа на улицата Абонданца, една од најпрометните улици во античка Помпеја.
„Не можеме со сигурност да го утврдиме идентитетот на лицето кое живеело во куќата, но овие фрагменти нè приближуваат до неговото секојдневие“, изјави директорот на локалитетот Габриел Цутригел.

Меѓу пронајдените предмети има прибор за шминкање, парфеми, монети, садови за готвење и амајлии. (Фото: Археолошки локалитет Помпеја)
Меѓу предметите што биле чувани во шкафот е и ѓердан составен од најмалку 24 мали предмети, изработени од коска, стаклена паста, глина и планински кристал. Ваквите ѓердани традиционално им биле подарувани на римските деца и како амајлии за заштита и како тропалки, чии звуци им помагале на возрасните да ги следат нивните движења. Понекогаш децата ги задржувале овие предмети и во зрелата возраст како спомен од детството, што овозможува особено лична поврзаност со непознатиот жител на куќата.
Оловните тегови пронајдени во дрвена кутија укажуваат на тоа дека некој од жителите на куќата се занимавал со трговија.
Во мала плетена кошничка биле пронајдени 38 бронзени монети. Фактот што на местото останале и пари и предмети со очигледна сентиментална вредност кажува дека сопствениците немале време да ги земат со себе по ерупцијата на Везув.
Куќата, која се наоѓа во централното подрачје на Помпеја, засега се поврзува со човек по име Корнелиј Максим, врз основа на натписите откриени на тоа место. Фасадата првпат била ископана во 1912, но археолозите дури сега истражиле дел од просториите.



