ЦЕЛАТА САЛА ВО ШТИП ГИ ПЕЕШЕ ХИТОВИТЕ НА ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ВО НЕГОВА ЧЕСТ НА ПРВАТА ВЕЧЕР НА МАКФЕСТ

    ЦЕЛАТА САЛА ВО ШТИП ГИ ПЕЕШЕ ХИТОВИТЕ НА ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ВО НЕГОВА ЧЕСТ НА ПРВАТА ВЕЧЕР НА МАКФЕСТПубликата ракоплескаше и ги пееше хитовите на Владо Јаневски „Еден бакнеж“ и „Чаирска романтика“ (Фото: СДК.МК)

    Целата сала во Центарот за културата „Ацо Шопов“ во Штип ги пееше хитовите на Владо Јаневски на првата вечер од 41. издание на Макфест.

    Во чест на еден од најпознатите кантавтори беа пуштени неколку негови песни, а публиката ракоплескаше и ги пееше неговите големи хитови „Еден бакнеж“ и „Чаирска романтика“. На „Чаирска романтика“ настапија танчари. На видеобимот се емитуваа слики и видеа од Јаневски, а водителите Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски кажаа дека великани како него никогаш не умираат и дека неговите песни остануваат тука за да нè потсетуваат на неговата големина.

    Јаневски има посебно место во историјата на Макфест. Во 1993 со „Чаирска романтика“ го освои второто место, а следната година победи со „Еден бакнеж“. На фестивалската сцена настапи и во 1986 и 1991 година, а во 2023 се врати како ревијален гостин со песната „Златни години“.

    Јаневски настапи и на јубилејното 40. издание на Макфест во 2025, на ревијалната вечер посветена на легендарните пејачи кои во изминатите години испеале некои од најголемите фестивалски хитови. Тој почина на 28 јуни годинава, на 65 години, по кусо боледување.

    На првата фестивалска вечер настапија 15 млади пејачи, а дел од нив влегоа во вечерашното финале.

    Во ревијалниот дел, Антониа Гиговска доби голем аплауз на музичкото шоу со акустични изведби на нејзини песни, но и на некои од најголемите хитови во историјата на Макфест.

    Вечерва е финалната вечер, на која ќе настапат познати пејачи, меѓу кои Јован Јованов и Тони Зен, Ристо Самарџиев, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски, Елвир Мекиќ, Викторија Лоба, Наташа Малинкова, Давид Темелков, Теа Трајковска, Марија Спасовска, Марија Данева и Агни Авшар.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира