ФУДБАЛЕР НА ШПАНСКИОТ ВТОРОЛИГАШ ТЕНЕРИФЕ ПОЧИНА ПО ТЕЖОК СУДИР СО ПРОТИВНИЧКИОТ ГОЛМАН

    ФУДБАЛЕР НА ШПАНСКИОТ ВТОРОЛИГАШ ТЕНЕРИФЕ ПОЧИНА ПО ТЕЖОК СУДИР СО ПРОТИВНИЧКИОТ ГОЛМАНХесус де Мигел Аламеда почина во болница откако доживеал срцев и респираторен застој (Фото: ФЦ Тенерифе)

    Фудбалерот на шпанскиот второлигаш Тенерифе, Хесус де Мигел Аламеда, почина на 30 години откако се здоби со тешка повреда на првенствениот натпревар со Андора. Клубот утрово ја потврди веста за неговата смрт.

    „Скршени сме од болката и не можеме да веруваме дека ова е вистина. Нема зборови на утеха и ништо не може да го олесни ова чувство исполнето со тага“, соопшти клубот.

    Аламеда беше тешко повреден во судиското продолжение од натпреварот со Андора, кога на него налета противничкиот голман Хесус Овоно. Според снимките од мечот, Аламеда се стрча во контранапад од половина терен, при што се судри со Овоно, кој беше истрчан од својот шеснаесетник за да ја пресече топката.

    Коленото на голманот го удри напаѓачот во градите и лицето. Аламеда падна на тревата во несвест, а играчите од двата тима веднаш побараа лекарите да интервенираат. Тие неколку минути му укажуваа помош на теренот, пред да биде префрлен во болница.

    Играчот доживеал срцев и респираторен застој. Медицинските екипи морале да го реанимираат додека го транспортирале во болница и обидите за враќање на неговиот пулс биле успешни, но тој останал во несвест и бил примен на одделот за интензивна нега во критична состојба. Клубот објави дека Аламеда починал откако му се влошила невролошката состојба.

    Аламеда е роден во Мадрид во 1996 и ја помина својата кариера во пониските лиги на Шпанија. Настапуваше за Леганес, Унионистас и Кастелон, пред да потпише за Тенерифе минатата година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира