Одделот за убиства на шпанската национална полиција започна истрага за смртта на фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел Аламеда, кој почина утрово откако беше тешко повреден во судир со голманот на Андора на синоќешниот натпревар од втората шпанска лига.
Инцидентот предизвика големо вознемирување во Шпанија, како поради жестокоста на стартот на голманот Хесус Овоно, така и поради фактот што Аламеда, откако бил реанимиран, самостојно дишел додека го пренесувале во болница.
Аламеда се здоби со сериозни повреди и доживеа срцев и респираторен застој по судирот во судиското надополнување на натпреварот. Според снимките од мечот, Аламеда се стрча во контранапад од половина терен, кога се судри со Овоно, кој беше истрчан од својот шеснаесетник за да ја пресече топката. Коленото на голманот го удри Аламеда во градите и лицето, по што тој падна на тревата онесвестен.
Клубот во прв момент ја опиша состојбата на Аламеда како сериозна, но стабилна, но утрово објави дека починал откако му се влошила невролошката состојба.
Аламеда е роден во Мадрид во 1996 и ја помина својата кариера во пониските лиги на Шпанија. Настапуваше за Леганес, Унионистас и Кастелон, пред да потпише за Тенерифе минатата година.
„Жал ми е од дното на душата. Почивај во мир, Хесус“, кажа сопственикот на Андора, Жерард Пике.
„Ројтерс“ објави дека полицијата отворила истрага за можно убиство од небрежност. Според шпанското законодавство, за секоја смрт што се смета за неприродна автоматски се покренува судска истрага.



