На официјалната страна на Град Скопје се објавуваат партиски соопштенија, што е недозволиво, рекоа советниците од СДСМ на денашната седница на Советот на Град Скопје. Советничката Катерина Цаневска рече дека на 20 октомври на официјалната фејсбук страна е објавено партиско соопштение против СДСМ и лидерот Венко Филипче.
„Официјалната страна на Градот не смее да биде место каде се објавуваат партиски соопштенија, за тоа ги имате партиската веб-страна и партиската говорница. Град Скопје е на сите граѓани, на сите советници, не е на ВМРО-ДПМНЕ”, рече Цаневска.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски не ѝ реплицираше на Цаневска, туку од своето место коментираше дека соодветно било вратено на критиките кои биле упатени за Град Скопје од Венко Филипче.
„Нема да дозволам некој да го девалвира Градот. Моја обврска е да го штитам Градот и нема да дозволам вашиот лидер да вели дека од канцеларија јас кажувам на кои онколошки пациенти да им се додели помош“, рече Ѓорѓиевски.
Советниците од Левица исто така реагираа дека блиски соработници на Ѓорѓиевски се однесуваат шерифски, дека ги снимаат советничките и ги навредуваат.
„Го претворивте Градот во месна селска заедница“, рече советничката Дарја Мустафаоглу.
Од Левица побараа да се донесе заклучок со кој ќе се забрани на страната на Градот да се објавуваат партиски соопштенија бидејќи таа служи за информирање на граѓаните за активностите на Градот.
А. АНТЕВСКА



