Шест од осумте јавни претпријатија во Битола се депоненти во „Алта банка“ АД Битола, односно парите со кои располагаат ги чуваат и управуваат со нив преку сметки во банката. Како што соопшти градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, шесте јавни претпријатија со сметки во „Алта банка“ на нивните салда до крајот на месецот имало 13.380.169 денари или над 219.000 евра.
Независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ вчера поднесе барање за вонредна седница на Советот на Општина Битола поради настанатата состојба со „Алта банка“.
„Бараме информација од градоначалникот на Општина Битола кои јавни претпријатија и општински институции се депоненти во банката, кога станале депоненти, со колкав капитал се изложени во истата и кои насоки ги презема Општина Битола. Барањето е поддржано од советничките групи на ‘Поинаку‘, СДСМ, Левица и ЛДП. Битолчани мора да знаат што се случува со јавните институции и нивните пари. Патриотизам е, пред сè, грижа за градот во кој живееме, грижа за сè што е дел од општественото работење и секојдневие, грижа за граѓаните на Битола“, пишува во барањето на „Поинаку“.
Вонредна седница денеска не беше свикана, а градоначалникот Коњановски на својот фејсбук профил објави пост во кој барањето го нарече популистичко и оцени дека иницира страв и несигурност кај јавноста.
„Општина Битола како основач на јавните претпријатија ги следи насоките и информациите од Народната банка на Македонија. Тоа што дел од претпријатијата имаат сметка во ‘Алта банка‘ никако не значи дека е загрозена нивната функционалност. Деновиве ќе разговараме на седница на локалниот економско-социјален совет и заеднички со членовите на ова тело ќе постапиме во поглед на секој чекор што би можел да биде преземен од страна на локалната самоуправа за дополнителна заштита на интересите на своите граѓани. Верувам дека многу скоро целиот случај ќе има завршница“, соопшти Коњановски.
Тој исто така објави дека ЈКП „Водовод“ во „Алта банка“ има средства во висина од 427.993 денари, ЈПЗУППИ (за урбанизам) во моментот има салдо од 3.400.000 денари, „Комуналец“ 76.228 денари, „Паркинзи“ 4.450.000 денари, „Пазари“ 4.530.948 денари, а „Нискоградба“ 495.000 денари. Јавните претпријатија „Жабени“ и „Пелалинк“ немаат сметки во „Алта банка“.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, советничката од СДСМ, Катерина Цаневска, го праша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дали Градот, некое јавно претпријатие или јавна установа под негова надлежност има сметка во „Алта банка“ АД Битола. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ на ова прашање се смееја и негодуваа, на што Цаневска образложи дека станува збор за сериозна ситуација поради тоа што оние кои имаат сметка во оваа банка не можат да вршат плаќања. Градоначалникот Ѓорѓиевски кусо одговори дека ниту едно јавно претпријатие нема сметка во „Алта банка“ АД Битола.
Со новите правила наметнати со времената управа во банката, фирмите со сметки во „Алта банка“ АД Битола не можат да вршат плаќања кон други правни и физички лица кои имаат сметки во други банки. Дозволени се само внатрешни плаќања, односно трансфери и плаќања кон други лица кои исто така имаат платежни сметки во рамките на „Алта банка“, како и измирување на одредени обврски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



