Новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост во Скопје синоќа беше пуштено во употреба. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави дека проектот произлегува од Протоколот за пријателство и соработка помеѓу Град Скопје и Општина Есенлер од Турција.
„Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот. Дополнително, осветлени се и другите два моста кои подолг период не беа во функција“, вели Ѓорѓиевски.
Осветлување добија и мостот „Око“ и пешачкиот мост кој го спојува Плоштадот Македонија со Македонскиот народен театар, каде според проектот „Скопје 2014“ требаше да се гради панорамско тркало.
На синоќешниот настан меѓу гостите беа и градоначалникот на Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу и амбасадорот на Турција во земјава, Алпер Акташ.
Камениот мост беше привремено затворен за пешаци од средината на септември заради темелно санирање и поставување ново осветлување.



