УШТЕ 20 ИНСТИТУЦИИ ЌЕ СЕ ПРИКЛУЧАТ НА ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА ДОКУМЕНТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ АНДОНОВСКИ

    УШТЕ 20 ИНСТИТУЦИИ ЌЕ СЕ ПРИКЛУЧАТ НА ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА ДОКУМЕНТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ АНДОНОВСКИ„Знаеме што значи одењето по документи, секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од проблемите“, кажа Андоновски. (Фото: Министерство за дигитално општество)

    Македонија бележи „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а нивото на подготвеност е оценето како „меѓу умерено и добро“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција. Министерот ги презентираше клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за 2026 година и резултатите во пет области од дигиталната трансформација.

    По оценките „ограничен напредок“ во периодот од 2021 до 2024 и „одреден напредок“ во 2025, годинашната оценка, според Андоновски, претставува потврда за спроведените реформи.

    Во областа на електронските услуги за граѓаните и компаниите, тој посочи дека до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги. Следниот приоритет е овие постапки да можат да се завршуваат целосно електронски, од поднесувањето на барањето до добивањето на документот, без потреба од дополнително одење во институциите.

    „Знаеме што значи одењето по документи. Излегување од работа, патување до друга општина, чекање и дополнителни трошоци. Понекогаш цел ден потрошен за една административна постапка. Секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од тој проблем“, кажа министерот.

    Како втора клучна област, Андоновски ја издвои интероперабилноста, односно размената на податоци помеѓу институциите. Според презентираните податоци, месечните трансакции на платформата за интероперабилност се зголемиле од 700.000 во 2024 на 1,4 милиони во 2025 и 5,2 милиони во 2026 година.

    „Институциите мора да разменуваат податоци. Од граѓанинот не треба да бараме да биде посредник помеѓу две државни институции“, рече Андоновски.

    Напредок е забележан и во електронското управување со документи. Европската комисија нотира дека до крајот на јуни 2026 централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива еДМС го користеле 44 институции. Воведувањето на системот е препознато и во делот од Извештајот што се однесува на реформата на јавната администрација.

    „Барањето може да пристигне електронски, но ако потоа се печати, се носи од канцеларија до канцеларија и се чека физички потпис, па постапката останува бавна. Со еДМС работиме на целиот тек на предметот: приемот, распределувањето, постапувањето, потпишувањето и архивирањето“, кажа Андоновски.

    Министерот најави дека во наредните месеци на платформата ќе се приклучат уште 20 институции. Целта е електронското работење да стане секојдневна практика во администрацијата, со поорганизирана работа, поголема одговорност и со јасен увид во движењето на предметите.

    Во областа на сајбербезбедноста, Европската комисија ги нотира воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти (MKD-GOV-CSIR) и вложувањата во платформа за одговор и во стручни капацитети.

    „Секоја нова електронска услуга носи и одговорност за нејзината сигурност. Граѓаните со право очекуваат нивните податоци да бидат заштитени, а системите да бидат достапни кога им се потребни“, рече министерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира