Со мнозинство гласови изгласан е ценовникот за јавните паркинзи во Велес. Усвоената цена за еден час за првата зона „А“ е 40 денари, за зона „Б“ е 30 денари и за зона „Ц“ 20 денари. Првите десет минути се толерантен период. При плаќањето со СМС-порака, нејзината цена не влегува во износот за паркирање.
„Ценовникот е согласно економската моќ на граѓаните на Општина Велес и усогласен со цените во Скопје – Центар, Штип и Кавадарци“, кажа Златко Стојковски, директорот на ЈП „Парк, спорт и паркнизи“ (ЈППСП), кое ќе ја врши услугата за наплата и одржување на паркинзите.
Пред шест години, кога во Велес се вовдеде платен паркинг, цената беше 30 денари за зона „А“, 20 за зона „Б“ и 10 денари за зона „Ц“. Платениот паркинг функционираше шест месеци, по што беше ставен во мирување. Образложението беше дека со оваа обврска ЈППСП бележи загуба.
За повеќето граѓани на Велес враќањето на платениот паркинг е потреба. Го бараа и стопанствениците.
„Платениот паркинг е потребен заради воведување ред во сообраќајот во Велес. Бидејќи ова што се случува е безредие“, кажа градоначалникот Марко Колев при најавата за негово враќање.
Наплатата ќе се врши секој работен ден при зимско сметање на времето од 7 до 21 часот, а во сабота од 7 до 16 часот. Во период на летно сметање на времето ќе биде од 7 до 23 часот, а во сабота од 7 до 16 часот. Во недела и државен празник паркирањето на јавните паркиралишта е бесплатно.
Резидентната дозвола за паркирање е 300 денари месечно или 3.000 денари годишно, со тоа што не се гарантира слободно паркинг место за корисникот. Иста е цената и за паркинг дозвола за вработените во институции, но и за нив не се гарантира обезбедено паркинг место во секое време. Отстранување блокатор од тркало е илјада денари.
Месечната паркинг дозвола за правни лица за зона „А“ е 3.100, за зона „Б“ 2.500 и за зона „Ц“ 1.800 денари, а годишната дозвола за овие возила е помножено со 10. Годишната претплата за сите зони за физичко лице е 35.000, а за правно лице 45.000 денари, со тоа што не е резервирано паркинг масто.
Според изготвениот регистар, во Велес во зона „А“ има 173 паркинг места, во зона „Б“ 581 и во зона „Ц“ 209. Вкупниот број во градот е 963 паркинг места. Паркирањето на улицата Благој Ѓорев од кружниот тек Авона до Градскиот саат на улицата 8 Септември во трета лента не се плаќа бидејќи се регионални улици.
Ценовникот стапува во сила со почетокот на примена на платениот паркиинг. За тоа во тек се техничките подготовки, договорите со мобилните оператори и поставувањето наплатни рампи и наплатни куќарки.
П. ПЕЧКОВ



