МНР ЧЕКА ПОТВРДА ОД ШПАНСКИТЕ ВЛАСТИ ЗА АПСЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ ЗА УБИСТВО НА СВОИТЕ ДЕЦА

    МНР ЧЕКА ПОТВРДА ОД ШПАНСКИТЕ ВЛАСТИ ЗА АПСЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ ЗА УБИСТВО НА СВОИТЕ ДЕЦА

    Министерството за надворешни работи вели дека ќе почека на верификација од шпанските власти на информациите објавени во шпанските медиуми за наводно апсење на македонскиот почесен конзул во Барселона, Марио Деус, пред да ги разгледа опциите за одземање или задржување на неговиот статус. МНР го испратило барањето за верификација преку македонската амбасада во Мадрид.

    „Министерството за надворешни работи на Република Македонија преку Амбасадата во Мадрид побара верификација на информациите објавени во шпанските медиуми за наводно апсење на Почесниот конзул на РМ во Барселона, Марио Деус, обвинет за убиство на двете малолетни деца, од Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи на Кралството Шпанија. По добивање на соодветни информации, ќе бидат разгледани опциите за одземање, односно задржување на неговиот статус Почесен конзул на РМ во Кралството Шпанија“, изјавија од МНР.

    Шпанските медиуми објавија дека македонскиот почесен конзул во Барселона Марио Деус е уапсен во Јужна Африка како осомничен за убиство на неговите тригодишни близнаци. Според податоците на јужноафриканската полиција, мајката на децата го пронашла нивните безживотни тела.
    „Кога таа пристигнала во вилата во близина на Кејп Таун, тој со своето возило веднаш побегнал. Набргу е уапсен во предградие во главниот град“, соопшти портпаролот на локалната полиција.
    Портпаролот истакна дека сè уште се истражуваат околностите на убиството на тригодишните близнаци и оти не се знае причината за смртта на децата. Деус наскоро треба да се појави пред судот, каде се соочува со две обвиненија – за убиство и за кражба на возилото со кое бил во бегство.

    Деус не е дипломат од кариера, туку бизнисмен кој има почесна конзулска улога. Според податоците објавени на страницата на македонското Министерство за надворешни работи, Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година.
    Деус е познат стоматолог во Барселона, а неговото име фигурира и како директор на уште една приватна фирма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира