Најмалку 300 училишта во Италија беа евакуирани денеска откако добиле иста порака за подметната бомба, изјави министерот за образование Џузепе Валдитара.
Ова предупредување дојде среде зголемена загриженост во Европа по последните сајбернапади врз супермаркети и банки за крв и закани со бомби во авиони.
„По дојавите за бомба на национално ниво, сакаме да ве информираме дека сите ученици се однесени во безбедна зона и остануваат под надзор на наставниот персонал“, објави едно училиште во Рим.
Валдитара изјави дека се претпоставува оти заканите се лажни, додавајќи дека се очекува бројот на погодени училишта да се зголеми.
„Големиот број на засегнати училишта покажува колку малку кредибилитет има заканата“, рече Валдитара.
Е-поштата била потпишана како „Михаил Андропов, лидер на вилаетот Мисогинистан“, според копија од пораката што ја виде „Ројтерс“. Истиот наводен автор ја презеде одговорноста за заканите со бомба испратени во петокот до медиумски редакции во Ирска и Бугарија.



