Русија и Украина продолжија со нападите еден ден по завршувањето на мировните преговори во Абу Даби и непосредно пред пристигнувањето на американските пратеници во Москва. Советникот на Кремљ, Кирил Дмитриев, ги пречека Џаред Кушнер и Стив Виткоф на аеродром во Москва, пред нивната средба со Владимир Путин, која ќе се одржи денеска.
Руските и украинските преговарачи договорија голема размена на затвореници за време на дводневните мировни преговори во Абу Даби, но американските посредници изјавија дека сè уште постојат несогласувања за клучните прашања, вклучително и територијалните. Една од главните цели на доаѓањето на Кушнер и Виткоф во Москва е да го убедат Путин да ѝ дозволи на Европа да учествува во идните мировни преговори за Украина.
„Треба да ги вклучиме Европејците во процесот. Неколкупати директно му пренесовме на претседателот Путин, како и на неговиот тим, дека единствениот начин ова да се реализира е тие да бидат со нас и мислам дека постои подготвеност за тоа. Се надевам дека Стив и јас ќе бидеме успешни и дека претседателот Путин ќе даде зелено светло за тоа. Верувам дека така ќе можеме да постигнеме многу поголем напредок по прашањата што се од суштинско значење“, кажа Кушнер.
Разговорите во Абу Даби беа први помеѓу Русија, Украина и САД од февруари и Кушнер и Виткоф сакаа тие да се фокусираат на повоената безбедност во Европа. Клучно прашање за Европа е во која мера разговорите за идната безбедносна архитектура на континентот, која се темели на НАТО, ќе бидат поврзани со конкретните преговори за мир во Украина.
Кушнер и Виткоф сега ќе се обидат да го убедат Путин да овозможи напредок по одредени прашања и да се договори датумот на следната рунда преговори. Потоа, тие ќе сретнат и со Зеленски.
Украина сака договор за прекин на огнот до Нова година, стравувајќи дека ја чека уште една зима на бомбардирања и напади врз енергетската инфраструктура.



