По повеќемесечни барања, реакции и молби од пратениците од опозицијата кон собранискиот спикер Африм Гаши да ги обезбеди премиерот и министрите да дојдат на седниците за поставување прашања само од опозиционите пратеници, денеска пратеничката Рина Ајдари кога ги виде повторно празни столчињата за Владата, побара еден час пауза за Гаши да ги најде и донесе во сала.
На тоа Гаши искоментира: „Во ред, но само си го кратите времето за опозициски прашања”, што за Димитар Апасиев е злоупотреба на Деловникот бидејќи паузата на пратениците Гаши им ја пресметува во работа само за да снема време за поставување прашања.
По паузата, следеше нова блокада од власта, пратеникот Даниел Стојчевски од ЗНАМ побара еден час пауза, откако тврдеше дека биле тука премиерот и министрите, а од место опозицијата довикуваше: „Не беа тука, не дојдоа!”.
Но, Стојчевски продолжи да тврди дека биле тука, иако и новинарите од галерија видоа дека ги нема. Дури и морализираше и држеше предавања колку биле важни прашањата за опозицијата и оти нашата опозиција била единствената која барала паузи за седниците за пратенички прашања, по што цела сала почна да се смее.
Во ниеден момент не спомнаа дека барањето за пауза од Ајдари беше за Гаши да ги најде и внесе во сала претставниците на Владата.
Стојчевски не престана да тврди дека премиерот и министрите се во салата, свесен дека камерата на собранискиот канал го снима само него и не ги покажува празните клупи на Владата.
На дневен ред на денешната 129 седница, е Законот за јавни набавки со кој се дава можност за тендери во четири очи, без контрола на Бирото за јавни набавки, од 5.000 на 10.000 евра се зголемува можноста министри, градоначалници, директори да вршат јавни набавки без тендер и со кој критериумот „најниска цена” се трга и се олеснува масовна корупција
С. К. ДЕЛЕВСКА



