ЗАПУШТЕНИТЕ ПАРТИЗАНСКИ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА ГИ ПОСЕТИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДИМОВСКИ, СО СОЈУЗОТ НА БОРЦИ ЗБОРУВАЛЕ ДЕКА ИМ ТРЕБА РЕНОВИРАЊЕ

    ЗАПУШТЕНИТЕ ПАРТИЗАНСКИ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА ГИ ПОСЕТИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДИМОВСКИ, СО СОЈУЗОТ НА БОРЦИ ЗБОРУВАЛЕ ДЕКА ИМ ТРЕБА РЕНОВИРАЊЕДимовски со претседателот на Сојузот на борци од Битола, Стефан Бошков, директорката на Заводот и музеј Битола, Маргарета Спасов. (Фото: СДК.МК)

    По текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК за запуштената состојба на Партизанските гробишта во Битола, денеска гробиштата ги посети вицепремиерот Љупчо Димовски. На негово барање, посетата се одржа во присуство на претседателот на Сојузот на борци од Битола, Стефан Бошков, и директорката на Заводот и музеј Битола, Маргарета Спасов.

    „Заеднички ја разгледавме потребата од санација и реновирање на овие гробишта, а Димовски го запознавме и со кратки биографии на неколкумина наши херои од Народноослободителната борба. Тој го посети и седиштето на Сојузот на борци во Битола, каде што по неодамнешната поплава во нашите простории сега сме во фаза на изведување поправки. Димовски покажа голем интерес за богатата библиотека со историски книги поврзани со настани и личности од НОАВМ, како и за документите и признанијата што со гордост ги чуваме“, соопштија од Сојузот на борци од Битола.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 20 октомври објави репортажа за запуштената состојба на Партизанските гробишта во Битола, каде што се наоѓаат гробовите и надгробните споменици на десетици партизани од Народноослободителната борба. Меѓу нив се и гробовите на народните херои Стив Наумов, Елпида Караманди, Естреја Овадија-Мара, Трифун Пановски, Коле Канински, Таки Даскало, Ѓорги Наумов, Стерјо Ѓоргиев, Тодор Ангелевски и Јонче Мурџевски, како и на други партизани.

    Патеката до гробиштата е во распаѓање, со бројни нерамнини и распукан бетон. Освен првите шест-седум, поголемиот дел од другите надгробни плочи се потемнети, натписите се избледени, а гробните површини се прекриени со паднати лисја и на места се обраснати со плевел. Потпорниот ѕид е во лоша состојба, а изронети се и делови од скалилата.

    По истражувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК се покажа дека Партизанските гробишта останале без јасно утврдена институција задолжена за нивното целосно одржување. Од Општина Битола и Јавното претпријатие „Комуналец“ изјавија дека нивна обврска е само одржувањето на пристапот до гробиштата, бидејќи тој е дел од Буковските гробишта. Така, за празникот на градот, 4 Ноември, патеките биле само подзаметени.

    Од Сојузот на борци претходно рекоа дека пред триесетина години, кога со закон биле сведени на ниво на невладина организација, државата им ги одзела надлежностите врз гробиштата. Од Заводот и музеј Битола, пак, рекоа дека можат да се грижат за реставрацијата на спомен-обележјата, но не и за чистењето и одржувањето на Партизанските гробишта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира