ТРИ ДЕВОЈЧИЊА ПОВРЕДЕНИ ОД ПАДНАТИОТ ИЗЛОГ НА МАТИЧНОТО ВО БИТОЛА, ЕДЕН ОД РОДИТЕЛИТЕ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ БАРА ОДГОВОРНОСТ

    ТРИ ДЕВОЈЧИЊА ПОВРЕДЕНИ ОД ПАДНАТИОТ ИЗЛОГ НА МАТИЧНОТО ВО БИТОЛА, ЕДЕН ОД РОДИТЕЛИТЕ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ БАРА ОДГОВОРНОСТСтаклото се скршило при силниот ветер што ја зафати Битола и Пелагонискиот Регион. (Фото: СДК.МК)

    Три лица се повредени од паѓањето на излогот со стакло и метална рамка на Одделението за водење матични книги, кај месноста Борово во центарот на Битола. Со возила на Итната медицинска помош две девојчиња беа пренесени во Клиничката болница во Битола, каде што подоцна, со упат од Брзата помош, се јави уште една жена. На сите три им била укажана лекарска помош.

    Дежурниот лекар во Одделението за ургентна медицина, д-р Петар Христовски, изјави дека сите три имале посекотини од стакло, а едното од девојчињата имало и повреда на ногата.  Повредите не се животозагрозувачки.

    „Околу 13 часот две девојчиња беа донесени со возило на Итната медицинска помош поради повреди. Според нивното кажување, кај месноста Борово се скршило стакло, веројатно од ветрот што дуваше, и паднало врз нив. Едното девојче имаше посекотини, а во обид да избега го свиткало глуждот и паднало. Второто девојче имаше мала рана во пределот на лицето. Потоа се јави и трето лице со посекотина на раката. Пациентките беа препратени на одделенијата за ортопедија и максилофацијална хирургија“, изјави д-р Христовски.

    Таткото на девојчето со повредена нога изјави дека ќерка му има скршеница на глуждот и дека случајот ќе го пријават на сите надлежни места.

    „За случајот мора да се понесе одговорност“, вели тој.

    Стаклото се скршило при силниот ветер што ја зафати Битола и Пелагонискиот Регион. Според Управата за хидрометеоролошки работи, максималните удари на ветерот во Битола достигнувале до 50 километри на час, а најсилно дуваше во Тополчани, каде што брзината достигнала 86 километри на час.

    Од Центарот за управување со кризи соопштија дека повеќе граѓани пријавиле паднати дрвја и бандери, како и скинати кабли. Во населбата Педагошка се откорнало листопадно дрво високо неколку метри, кое паднало врз паркирано возило и го оштетило.

    Најтешката несреќа во Битола предизвикана од силен ветер се случи во март 2008, кога големо метално рекламно пано падна врз градежни работници. Тогаш загина 42-годишниот Драги Јончевски, а беа повредени уште двајца работници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира