1 Што е битно кој ќе поднесе предлог-закон за заштита од семејно насилство ако ти е битно да ги спасиш жените од убивање? Ова, бре, како на власта да ѝ е криво дека пратеничката на ЛДП Моника Зајкова побарала насилниците во семејството да носат електронски нараквици за следење, па дури организираше и собирање потписи, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека МВР веќе има подготвено свој закон.
Седум жени се убиени за десет месеци само затоа што се жени. Зарем тоа не е доволна причина, ако веќе има готов предлог-закон, Собранието да го изгласа? Треба ли да се заштитат жените, или не? Тоа е поважно, или за власта е поважно кој прв го предложил законот, оти не дај боже да прифати туѓа идеја?
Имаме седум убиени жени само оваа година во држава во која којзнае дали во моментов живеат повеќе од милион и пол луѓе. Власта има комотно мнозинство во Собранието за да го изгласа законот. Дури и консензус може да обезбеди со опозицијата, ако не ги држи партискиот инает. И претседателка на државата имаме, која не верувам дека би стави вето на закон што ќе ги заштити жените.
За електронска нараквица ќе се расправа со месеци. За тоа време, некоја друга жена ќе се обидува да преживее до утре. А власта ќе се надмудрува со опозицијата кој прв се сетил да ја спаси. Ама, не ја спасил. Оти и последната жртва, 17-годишната Билјана од Богданци го пријавила насилникот пред да ја најдат убиена во опожарена кола.
Колку пати требала да го пријави за да не ја убие?
2 Којзнае, ако го изгласаат законот со кој ќе ги заштитат жените од убивање, можеби пратениците ќе го скршат мразот па ќе донесат и други закони за општо добро, а и ќе дадат добар пример за граѓаните. Ама, не верувам. Во сегашниот состав на Собранието има навреди, говор на омраза, непристојни гестикулации… Сè и сешто има, само нема дијалог.
Последниот пример е седницата на која требаше да има пратенички прашања само за опозицијата. Не дојдоа премиерот и министрите, па опозицијата побара пауза за претседателот на Собранието Африм Гаши да ги најде. Потоа, владејачкото мнозинство побара уште една пауза. И додека се одмараа од неработење, помина времето за пратенички прашања. Па како капак на сè, уште и еден пратеник од мнозинството убедуваше дека министрите биле во салата, ама новинарите не ги виделе.
Кој ги научил така да се однесуваат? Данела Арсовска ли ги научила? Или таа им беше експериментот што го изгласаа за градоначалничка на Скопје на кој вежбаа како се владее без да се одговара на прашања, како се носат одлуки со инает и како се префрла одговорноста на некој друг?
Каква и да е опозицијата, и за тие пратеници некој гласал. И тие претставуваат некое гласачко тело. На крајот на краиштата, ова арогантно игнорирање не е непочитување на опозицијата. Ова е непочитување на Собранието.
3 Си мислам дека и ова со законот за нараквици за пријавените насилници ќе заврши како и Законот за забрана за пушење во јавни објекти. Демек, готов беше уште минатата година, демек завршена широка јавна расправа, па и Светската здравствена организација беше консултирана, претходниот министер за здравство Азир Алиу со таков ентузијазам зборуваше за него, уште во март требаше да стапи на сила.
Арно ама, законот заглавил во Собранието. Имало осум амандмани од двајца пратеници, па за гласање ќе се чека некое мислење на домашни и странски експерти. Весна Бендевска од ЗНАМ дала амандман да има специјални соби за пушење. А Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија предложил приватни клубови за пушење. А бе, научна конференција, џанам. Страшна работа е какви научни дилеми треба да им разјаснат странски и домашни експерти на пратениците за да изгласаат закон за заштита на здравјето каков што има низ цела Европа.
Законот е со европско знаменце, може да се донесе по скратена постапка, ама ете белја работа, го заглавиле двајца пратеници од помалите владини коалициони партнери.
А бе, ај нека не ни раскажуваат приказни за демократски процедури во ова и вакво Собрание.
Можеби компаниите што се почувствуваа загрозени од носењето на законот треба да покажат малку „општествена одговорност“? Има разни питијади, ракијади, празијади и други општествено битни настани од јавен интерес. Башка, иде Нова година. Треба да се китат елки, да се осветлуваат плоштади, да се носат пејачи. Тие нека одврзат ќесе за доброто расположение на гласачите, ако веќе државата не може да го заштити јавното здравје, оти чека странска експертиза за ефектите од владеењето предизвикани од групното пушење во клубови.
Ај што нè прави будали, ама власта стварно мисли дека сме будали.
4 Откако некои студентски претставници, чекајќи три години Владата да им го зголеми надоместокот за храна, побараа да јадат во рестораните во Собранието и во Владата за да можат со 140 денари да добијат пристоен топол оброк, ми стана јасно и зошто минатиот месец Синдикатот и Владата се скараа за износот на потрошувачката кошничка.
Според владината пресметка, на четиричлено семејство во август му биле потребни околу 58.000 денари. Според синдикалната кошничка, потребите биле 68.000 денари. Разликата е околу 10.000 денари. Само кај храната разликата меѓу двете кошнички е безмалку 4.000 денари.
Сега ми текна! Владата го пресметувала просекот на кошничката според цените во владините и собраниските ресторани и бифеа. А синдикатите според цените во самопослугите.
Значи животот е евтин, само што ние не знаеме правилно да го пресметаме.



