ВЛАСТА ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА НАБАВКИ ВО 4 ОЧИ ДО 120.000 ЕВРА И СО УКИНАТА КОНТРОЛА НА БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ, ГЛАСАА САМО 63 НИВНИ ПРАТЕНИЦИ

    ВЛАСТА ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА НАБАВКИ ВО 4 ОЧИ ДО 120.000 ЕВРА И СО УКИНАТА КОНТРОЛА НА БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ, ГЛАСАА САМО 63 НИВНИ ПРАТЕНИЦИВака повеќе народни пари ќе се трошат без отворена конкуренција, со поголем ризик договорите да завршуваат кај однапред избраните фирми, предупредува опозицијата (Фото:СДК.МК)

    И покрај предупредувањата дека се предлага Закон за јавни набавки кој им ги одврзува рацете на функционерите за корупција, а на јавноста ѝ се забранува да го контролира трошењето на народните пари, ВМРО-ДПМНЕ, Влен и Знам со 63 гласа „за“, го донесоа Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, на вчерашната собраниска седница.

    Не помогнаа апелите да не се учествува во вакво озаконување на корупцијата. Пратеникот Миле Цеков апелираше до мнозинството дека ова е еден многу важен закон преку кој само минатата година поминале 1,6 милијарди евра јавни пари. Предупреди дека во најновиот  Извештај на Европската комисија е констатирано дека нема напредок во борбата против корупцијата, како и на сериозните забелешки за корупциски ризици од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    СДСМ предупредува дека со овие измени власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ сама себе си овозможува набавки без тендер на драстично поголема сума до 25.000 евра за стоки и до 120.000 евра за градежни работи.

    „Тоа се повеќе пари за во четири очи, за криминални тендери без контрола и за свои партиски фирми. Така повеќе народни пари ќе се трошат без отворена конкуренција, со поголем ризик договорите да завршуваат кај однапред избраните фирми. Истовремено, се брише обврската воведена во 2019 година за задолжителна согласност од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас. Значи, ги зголемуваат износите за набавки без тендер, а ја отстрануваат контролната пречка за договорите во четири очи“, рекоа од СДСМ.

    Партијата смета дека ова се прави на штета на граѓаните и во интерес на „бизнисите на Мицкоски, неговата Организирана криминална група и неговите сателити“.

    Со овој закон многукратно поскапуваат надоместоците за поднесување жалби. Место фирмите да се охрабрат да пријавуваат неправилности, правната заштита им станува поскапа и потешко достапна. Особено се погодени малите компании.

    За опозицијата, стапува ера на ВМРО-ДПМНЕ за дилови во четири очи, за неконтролирано трошење на парите на граѓаните, а фирмите за тоа потешко да се жалат.

    Претходно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова стави вето на законските измени, но само поради можноста за неограничен мандат на членовите на комисијата за јавни набавки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира