Функционери на Кремљ им рекле на пратениците од владејачката партија Единствена Русија да се подготват за победа во Украина и за враќање на војниците од фронтот, објави весникот „Ведомости“, повикувајќи се на лица запознати со разговорите.
Ова било кажано на семинар за пратениците од Државната дума, одржан на 13 и 14 ноември во близина на Москва. На семинарот присуствувал и Сергеј Кириенко, првиот заменик-шеф на кабинетот на Кремљ, кој ја нагласил важноста на работата со воените ветерани, наведуваат изворите.
„Рекоа дека сите треба да бидат подготвени за прогласување победа, кога оние кои учествувале во борбите ќе се вратат дома одеднаш“, изјавил еден извор за „Ведомости“.
Функционерите исто така им кажале на пратениците дека тие сè уште работат во воени услови, па немаат право да земаат одмор или да се забавуваат додека борбите продолжуваат.
Истражувачкиот сајт „Досие центар“ во мај објави дека Кремљ подготвува насоки за комуникација, со цел потенцијалниот мировен договор да ѝ се претстави на руската јавност како победа. Според предложената нарација, преземањето контрола врз Донбас би се прикажало како главна цел на инвазијата.
Центарот „Досие џентар“ наведува дека според овие насоки, убивањето на украинските војници би се претставило како исполнување на зацртаната цел за „денацификација“ и би се тврдело дека заземањето на Киев никогаш не било во плановите на Кремљ.
Последните преговори помеѓу Русија и Украина се одржаа во Абу Даби на 10 и 11 ноември. Според медиумските извештаи, новите барања на Москва вклучувале повлекување на НАТО до границите од 1997 година и претворање на Молдавија во федерална република.
Владимир Медински, кој ја предводеше руската делегација, по преговорите изјави дека Москва ќе ја врати секоја педа од она што го смета за своја територија во Украина.



