ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА БАРА ПОМОШ ОД АМБАСАДИТЕ ВО ЗЕМЈАВА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕ КОИ ШЕТААТ НИЗ ГРАДОТ

    ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА БАРА ПОМОШ ОД АМБАСАДИТЕ ВО ЗЕМЈАВА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕ КОИ ШЕТААТ НИЗ ГРАДОТОпштината бара од амбасадорите да разговараат со Владата за да се најде решение за проблемот.(Фото: Јуроњуз)

    Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски денеска испрати писмо до амбасадите во земјава барајќи помош за решавање на проблемот со кравите кои шетаат низ градот. Писмото е испратено до сите амбасади и амбасадори акредитирани во земјава и во него се информираат за последиците од неконтролираното движење на повеќе од 1.000 грла крупен добиток на територијата на општината и се бара нивна дипломатска поддршка за трајно решавање на проблемот.

    Градоначалникот Митовски поднесе барање за прогласување на кризна состојба, но од Владата досега нема одговор.

    „Општината ги повикува амбасадорите во своите разговори со претставниците на Владата и на надлежните институции да го отворат ова прашање, да укажат на ризиците за граѓаните и да ја нагласат потребата од итно и координирано постапување. Преку редовниот дијалог со државните власти, амбасадорите можат да помогнат барањата на жителите на Крива Паланка да добијат внимание на највисоко институционално ниво. Нивното залагање може да придонесе за воспоставување директен работен дијалог меѓу Владата, надлежните агенции и Општината, со цел да се договорат конкретни мерки, да се утврди кој е одговорен за нивното спроведување и да се одредат рокови за постапување на терен“, велат од Општина Крива Паланка.

    Добитокот без надзор се движи по улиците и патиштата, ја загрозува безбедноста на пешаците и возачите и предизвикува штети на земјоделските насади. Крави деновиве имаше и во дворот на средното општинско училиште. И покрај секојдневните барања на Општината од Владата не се преземаат никакви мерки за решавање на овој проблем. Од јануари 2022 година до денес, како што велат од Општината, доставиле стотици пријави и иницијативи до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, поднесена е и кривична пријава за мачење животни, докази за материјални штети, за повреди на граѓани и за уништување јавни површини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира