Кинескиот претседател Шји Џинпинг вети дека ќе се спротивстави на трговскиот протекционизам, додека неговиот руски колега Владимир Путин ги критикуваше западните санкции, откако се сретнаа пред историската трилатерална средба со Доналд Трамп. Тие разговараа на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот кинески технолошки центар Шенжен во пресрет на пристигнувањето на Трамп од Филипини.
Тројцата лидери ќе се сретнат утре на маргините на АПЕК и се очекува да разговараат за Украина, Иран, трговијата, вештачката интелигенција и за нуклеарното оружје.
Во своето воведно обраќање, Шји повика на поддршка за „слободна и отворена трговија“, обидувајќи се да ја претстави Кина како стабилен партнер на глобалната сцена, за разлика од главниот економски ривал САД.
„Мораме цврсто да го поддржуваме мултилатералниот трговски систем заснован на правила, да ги поддржуваме слободната и отворена трговија и инвестициите и да ги одржуваме стабилноста и непреченото функционирање на глобалните индустриски и добавувачки синџири“, изјави Шји.
Тој нагласи дека Кина ќе продолжи да инвестира во својот индустриски комплекс и да развива нови технологии, од кои корист ќе имаат и други земји.
Путин излезе на сцената по Шји и одржа говор во кој западните сили ги опиша како поранешни хегемони.
„Европа се наоѓа во понижувачки пад. Антируските санкции имаа спротивен ефект – наместо да ѝ наштетат, тие ја направија Русија посилна. Искуството покажа дека традиционалните алатки за економска доминација и принуда во голема мера го исцрпија својот потенцијал. Иако санкциите, царините и ограничувањата на извозот можеби сè уште имаат одреден ефект на одвраќање, тие не се во состојба да го запрат растот. а камоли да ги уништат економиите на конкурентите“, кажа Путин.
Шји и Путин, за кои ова беше 50. средба, меѓусебно го пофалија партнерството, за кое рекоа дека функционира „стабилно и позитивно на меѓународната сцена“ и се заложија за дополнителни мерки што ќе придонесат за развој на мултиполарен свет.
Путин рече дека очекува „голема потенцијална придобивка“ од неговата средба со Трамп и Шји.



