Воен транспортен авион „Ан-12“ се урна во рускиот регион Кемерово во југозападен Сибир, при што загинаа сите 19 луѓе кои се наоѓале во него, соопшти руското министерство за одбрана.
„Прелиминарната причина за несреќата е технички дефект“, пренесе државната новинска агенција РИА, повикувајќи се на министерството за одбрана.
Гувернерот на Кемерово, Иља Середјук, кажа дека итните служби брзо го изгаснале пожарот на местото на несреќата, која се случила во ненаселена област.
Телеграм каналот „База“ објави дека можна причина за несреќата е истекување на авионско гориво, повикувајќи се на извори запознати со случајот. „База“ исто така наведе дека авионот можеби се урнал при обид за принудно слетување.



