СЕКОЈ ИМА ПРАВО ДА ИЗБЕРЕ КОГО ЌЕ САКА, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ ВОЛКАШИН НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ ЗА ЗАБРАНЕТА ЉУБОВ „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“ ВО ТАЛИН

    СЕКОЈ ИМА ПРАВО ДА ИЗБЕРЕ КОГО ЌЕ САКА, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ ВОЛКАШИН НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ ЗА ЗАБРАНЕТА ЉУБОВ „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“ ВО ТАЛИНРежисерот Андреј Волкашин и актерите Јана Никодиновска, Лео Поповиќ и Зорица Нушева на премиерата на фестивалот во Талин. (Фото: АФ)

    Со пофалби за актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на режисерот Андреј Волкашин и визуелната поетика на филмот „Сладоста на горчливите нешта“, помина светската премиера на неговиот дебитантски филм на 30. Филмски фестивал во Талин од А-категорија, соопшти Агенцијата за филм. Филмот е во натпреварувачката програма Прв филм, за филмови од дебитанти, и ќе има вкупно три проекции за време на фестивалот што се одржува од 6 до 22 ноември.

    На премиерата присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. По проекцијата следеше разговор со публиката, посветен на создавањето на филмот, неговите ликови и темите за љубовта, личната слобода и општествените очекувања. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата.

    По проекцијата следеше разговор со публиката. (Фото: АФ)

    „Преку приказната за Дора сакав да истражам што се случува кога љубовта ќе нè соочи со самите себе, со нашите стравови и со сè она што сме го потиснувале. Се надевам дека публиката ќе ги разбере нејзините чувства и ќе препознае дека луѓето се сложени суштества и дека секој има право да живее автентично и сам да избере кого ќе сака“, рече Волкашин.

    Продуцентката Елена Станишева ја нагласи комуникацијата што филмот ја воспоставува со меѓународната публика.

    „За мене, како продуцентка, најголемата вредност на еден филм е неговата способност да допре до меѓународната публика и да воспостави комуникација со неа, независно од различните културни и општествени контексти. Иако во својата основа е приказна за забранетата љубов, филмот отвора пошироки прашања за изборите што ги правиме, нашите стравови, копнежи и желби, особено кога тие се во конфликт со правилата и очекувањата во кои сме воспитани и според кои живееме. Верувам дека токму во тој судир лежи неговата универзалност. Особено ми е драго што филмот предизвикува реакции, допира до публиката и поттикнува дискусија“, рече Станишева.

    Продуцентката Елена Станишева (втора од лево) со екипата на филмот. (Фото: АФ)

    Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кажа дека премиерата го потврдува значењето на поддршката на новите авторски гласови.

    „Светската премиера во Талин е значаен чекор за Андреј Волкашин и целата екипа. Поддршката на дебитантските остварувања е вложување во иднината на македонската кинематографија, а нивното присуство во меѓународните натпреварувачки програми отвора простор за нови публики и професионални можности. Честитки до екипата за посветеноста и за ова значајно претставување на македонскиот филм. По сета работа што ја вложи екипата, овој успех е особено сладок“, рече Мицевски.

    „Сладоста на горчливите нешта“ е приказна за Дора, жена која животот го посветила на семејството. Грижата за една повредена непозната жена ја соочува со долго потиснуваните чувства и ја поттикнува да ги преиспита сопствените желби и избори. Во филмот играат и Ана Костовска, Гораст Цветковски и Александра Петковска. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата е на Бојана Бачварова, костимографка е Илина Чолак, а маската и шминката се на Симона Ристевска.

    Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Бугарија, со поддршка од Холандија и Еуримаж, а беше поддржан со 19 милиони денари (310.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во првиот рок во 2020. Со продуцентката Станишева копродуценти се Павлина Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниврана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира