Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски останува во Кривичниот совет да одлучува за притворот на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан во случајот на СЈО „Труст“, иако СЈО на 30 март поднесе барање за негово изземање, поради неговата поврзаност со „бомбите“ на опозицијата.
Покрај одбиеното барање на СЈО, врховните судии на денешната општа седница одлучуваа и за приговорот што го поднесе врховната судијка Лидија Неделкова, која поднесе приговор поради тоа што Вангеловски ја тргна од Кривичниот совет и со тоа од предметот за Кочан, кој по електронска распределба ѝ се падна на поранешната претседателка на највисокиот суд. Со мнозинство гласови на врховните судии, одбиен е приговорот на Неделкова, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК
Неделкова беше тргната од Кривичниот совет оној момент кога се изјаснила дека надлежност за случајот на Кочан има само СЈО, а не и Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, коешто на 27 март поднесе Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд и поништување на одлуката на Основниот суд Скопје 1 за 30-дневен притвор за Кочан, кој е во бегство повеќе од еден месец.
На денешната општа седница на Врховниот суд во тек е одлучување за 17-те приговори, поднесени од незадоволни судии од Основниот суд Скопје 1, кои беа преместени од своите работни места со новиот распоред на в,д, претедателот на Судот Стојанче Рибарев.
На седницата ќе се расправа и за реферати дали можеле доказите од „бомбите“ да се користат во кривична постапка.
С. К. Делевска