Двојно помалку објекти во Скопје се оданочени од она што е запишано во Катастарот на недвижности, покажа репроценката на недвижности што ја прави Град Скопје во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Според податоците во даночната евиденција, на подрачјето на Град Скопје се опфатени околу 17 милиони квадратни метри на недвижности – објекти, додека во евиденцијата на Катастарот се запишани околу 39 милиони квадратни метри објекти. Како што велат од Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК, оваа разлика од приближно 22 милиони квадратни метри не значи автоматски дека сите овие површини треба дополнително да се оданочат, туку укажува на потребата од детална проверка, усогласување и ажурирање на податоците.
„Репроценката на недвижностите не е дискрециона одлука на Град Скопје, туку законска обврска која произлегува од Законот за даноците на имот. Согласно законските одредби, единиците на локалната самоуправа се должни на секои четири години да вршат репроценка на пазарните вредности на недвижностите што претставуваат основа за утврдување на данокот на имот. Основната цел на процесот е воспоставување точна и ажурна даночна евиденција и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници согласно законските прописи“, велат од Град Скопје.
Град Скопје почна да ја прави репроценката во Општините Карпош и Центар, а догодина ќе се спроведе и во останатите скопски Општини. Како што велат од Град Скопје, првичната примена во Општина Центар потврди значителни разлики помеѓу податоците. Катастарот евидентира околу 6.67 милиони квадратни метри објекти, додека во претходниот даночен систем биле евидентирани околу 3,89 милиони квадратни метри, што претставува разлика од приближно 2,78 милиони квадратни метри.
„Очекувано е дека поширокиот и попрецизен опфат на недвижностите да резултира со повисоки приходи од данок на имот. Тоа не произлегува од зголемување на даночните стапки, туку од фактот што во системот ќе бидат опфатени недвижности и површини кои претходно не биле евидентирани или не биле соодветно обработени. Колкав ќе биде конечниот финансиски ефект ќе зависи од резултатите на проверките, од даночниот статус на поединечните недвижности и од степенот на наплата, но неспорно е дека поголемата квадратура што ќе биде опфатена со системот ќе придонесе за повисоки приходи на Градот и Општините во градот, бидејќи приходот се дели 50% за Град Скопје и 50% за Општината во Градот Скопје каде што се наоѓа имотот“, велат од Град Скопје.
Од таму велат дека репроценката која се прави е дел од поширока реформа за дигитализација на даночниот систем. Во рамки на реформата се воспоставува нов интегриран даночен систем и електронскиот портал „е-Даноци“, преку кој се поврзуваат податоците од Катастарот, Централниот регистар, Управата за матични книги, даночната администрација, проценките на недвижностите и даночните задолжувања во единствена база на податоци. Системот овозможува масовна и индивидуална проценка на недвижностите, електронско издавање на даночни решенија, електронско плаќање од даночните обврзници, следење на наплатата, управување со приговори/тужби и контрола на податоците. Дополнително, во Општина Центар се спроведе тридимензионално и панорамско снимање на теренот и се воспоставен ГИС-систем кој овозможува споредба на фактичката состојба со официјалната евиденција. Во употреба е и мобилната апликација „Терен-ГИС“ преку која се вршат теренски проверки и верификација на податоците од овластени проценители и геодети.
„Данокот на имот претставува еден од најзначајните сопствени приходи на локалната самоуправа. Средствата што се прибираат по оваа основа директно се вложуваат во реализација на капитални инвестиции, реконструкција и изградба на инфраструктура, одржување на јавната хигиена, зеленилото, локалните патишта, јавниот превоз и други услуги што секојдневно ги користат граѓаните. Затоа, редовното исполнување на даночните обврски не претставува само законска должност, туку и директен придонес кон развојот на градот и подобрувањето на квалитетот на живот на сите жители на Скопје“, додаваат од Град Скопје.
Стапката на данок на имот во Градот Скопје изнесува 0.10 % од вредноста на имотот, со дополнително намалување од 50% за објект во кој даночниот обврзник живее, што ја прави најниска во Европа. Споредбено, на пример, во Естонија стапката е од 0,1%–1,0%, Финска основна стапка е од 0,93%–2,00%, Германија основни стапки се 0,31% за станбени и 0,34% за нестанбени објекти, Ирска стапка од 0,1029% до 1,05 милиони евра вредност на недвижноста и 0,25% на поголема вредност, Летонија основна стапка од 0,2% – 3%; Полска општата стапка е 2% од вредноста, Шпанија за урбаниот дел е од 0,4%–1% а за рурален 0,3%–0,9% од вредноста на објектот.
„Градот Скопје за 2022 година блокира 18.500 даночни обврзници кои не го подмириле даночниот долг. Во тек е достава на решенија за присилна наплата и за период 2023-2025 година, затоа ги повикуваме граѓаните и правните субјект кои не ги подмириле своите даночни обврски за минатите години да ги подмират во најкраток можен рок со што ќе избегнат дополнителни банкарски трошоци. Плаќањето на данокот на имот може да се направи на брз и ефикасен начин и по електронски пат на следниот линк danoci.skopje.gov.mk“, велат од Градот.
А. АНТЕВСКА




