Анастасија Соколова (24) од Кочани, студентка на ФИНКИ која го преживеала пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 63 жртви, беше една од двата сведока на првообвинетиот Дејан Јованов денеска, кому од 7 повикани сведоци, му дојдоа само двајца на денешното судење во Идризово.
Соколова работела во „Пулс” само за викенди, за дневница.
Во 2022 година работела како хостеса, ги носела гостите до своите резервации, а во 2023 и 2025 година како шанкерка, но и натаму повремено.
„Во периодот кога работев главен беше Дејан Јованов, тој ни даваше работни задачи и инструкции како да работиме. Јас земав дневница, колешката Марија ми ја даваше…”, тука почна да плаче Соколова. Зеде вода и продолжи плачејќи.
Потоа раскажа за реновирањето на внатрешноста на импровизираната и незаконска дискотека, за која општинските власти замижале за Дејан Јованов да ја маскира од производствен погон во кабаре клуб.
Ни од овој сведок одбраната на Јованов не можеше да извлече потврда дека во диското имало доволен број противпожарни апарати.
„Кај билетарата забележав еден или два ПП-апарати, на друго место не”, децидна беше девојката.
Критичната вечер на 16 март била на работа.
„Дојдовме кај 22 часот. Пред мене беа пристигнати колеги и членовите на бендот ДНК. Правеа проба, ги поставуваа инструментите на бината. Во тој момент не беше присутен Дејан Јованов, тој доаѓаше подоцна”, одговараше Соколова на прашања од Ивана Коцевска, адвокатката на Дејан Јованов.
„Дали забележавте поставување пиротехнички средства на бината?”, продолжи Коцевска.
„Не, јас не видов такво нешто и не ни знам како изгледа тоа. Претходно имало пиротехнички средства во ‘Пулс’, но толку силни како таа вечер, немав видено. Силна пиротехника, според светлината”, одговараше девојката на прашања од адвокатката.
Соколова дознала дека има пожар кога Панчо се обратил на микрофон сите да излезат надвор. Не видела како избувнал.
„Откако Панчо го извести тоа, јас и Марија бевме зад шанкот. Може сме се задржале уште неколку минути тука”, зборуваше забавено трауматизираната девојка.
Не видела дека некој излегува од задната врата, која била заклучена. Рече била отворана само за луфтирање. Не видела дали се користи и за влез и излез на гости.
„Не сум видела да се користи од гости”, појасни сведокот Соколова.
„Имаше настанато стампедо. Сите се заглавивме. Јас изгубив свест зашто бев силно удрена во ѕидот. Се освестив, видов сите бевме заглавени. Четворица мажи беа клекнати на колена и прегрнати. Им реков може ли да станете да одиме кон излезот? Но немаше никаква реакција од нив. Јас згазив преку едниот, се фрлив кон излезот”, плачејќи зборуваше девојката.
Обвинителот Борче Јанев се повика на член 388 став од Законот за казнена постапка (ЗКП), за веродостојноста и вистинитоста на наводот даден во истрагата, па ја допраша Соколова во врска со изјавата дека не тргнала кон задната врата зашто таму било жариштето на пожарот.
А во истрагата таа рекла: „Не ми е познато дека постои друг излез од дискотеката, излез за евакуација. Знам само дека има главен излез”.
Таа повторно објасни дека таа врата ја видела отворена само за луфтирање.
Вториот сведок на првообвинетиот Јованов кој дојде денеска од повиканите седум, е Бојан Спасовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



