СО „ЦРНО ЗЛАТО“ НА ДУКОВСКИ ЗБОРУВАМЕ ЗА ЉУБОВ, ЗА ВИДОВИ НА КОМУНИКАЦИЈА, ПА ДУРИ И И ЗА ИДЕНТИТЕТОТ, ЗА КОЈ СЕ ГОВОРИ МНОГУ ПОВРШНО, ВЕЛИ УНКОВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО МНТ

СО „ЦРНО ЗЛАТО“ НА ДУКОВСКИ ЗБОРУВАМЕ ЗА ЉУБОВ, ЗА ВИДОВИ НА КОМУНИКАЦИЈА, ПА ДУРИ И И ЗА ИДЕНТИТЕТОТ, ЗА КОЈ СЕ ГОВОРИ МНОГУ ПОВРШНО, ВЕЛИ УНКОВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО МНТНасевска-Трифуновска, Павловска, Цветковски, директорот на МНТ Никола Кимовски, Дуковски, Унковски, Ангеловска Михајловски, Ношпал, Тоциновски и Коцев на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

„Црно злато“, новиот текст на македонскиот драматург Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски  премиерно ќе се изведе на 27 ноември во Македонскиот народен театар (МНТ). Праизведбата на драмата, чиј поднаслов е „Опиум или смрт“ беше во март годинава во Београдско драмско позориште, во режија на Хрватот Оливер Фрљиќ.

Дуковски го посветува текстот „Црно злато“ на неговиот професор Горан Стефановски (1952-2018), и вели дека многу научил од него како учител, и за драматургијата и за животот. Зборувајќи за „Црно злато“, Дуковски рече дека има траги од Стефановски, но и рефлексија на „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, но не реплицира на таа драма, туку едноставно тргнува од од една можна таква приказна.

Унковски и Дуковски се чести соработници и во македонските и во странските театри.

Унковски вели дека иако „Црно злато“ влече мотиви од „Парите се отепувачка“ не е ниу фоклорен, ниту е на некој начин натопен во македонско милје, туку е една поширока анализа за идентитетот.

„Не за идентитетот како – јас сум Македонец, туку за идентитетот на секој човек од тоа дали е машко, женско или не е ни машко ни женско, нешто трето, па до други работи. Се обидовме да направиме една претстава која не се бави многу со психологија, повеќе се бави со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе. Се обидовме сите максимално да го отвориме тоа прашање и да ги најдеме можностите одговори за разни видови на љубов, за видови на комуникација и за разни прашања за идентитетот што многу често, за кои многу често се зборува во Македонија, би рекол, многу често и површно“, рече Унковски на денешната прес-конференција.

Унковски и Дуковски се чести соработници и во македонските и во странските театри. (Фото: К. Попов)

Во претставата играат Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски. Сценографијата е на Бранко Хојник, костимите на Александар Ношпал, а музиката на Златко Ориѓански. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот Мартин Манев, а асистент на костимографот Никола Булески.

Ликот на Димитрие го игра Јовица Михајловски.

„Таткото е еден архетип, за жал сѐ уште вкоренет овде на Балканот , а можам да кажам и во регионот, за одбивање на секакви различности и вкоренети сфаќања, традиционални, како што пишува во текстот: примитивен Балканец и патријархална неука будала. Овој текст на Дуковски му е најдобар текст. Јас често сум соработувал и сум играл во неговите текстови и многу ми е драго дека овој текст е напишан во базична смисла, со заплет, со приказна, со крај. И мислам дека колку повеќе навлегувавме во текстот, само откривавме поголеми и поголеми богатства што ги содржи. И се надевам дека тоа ќе го препознаете“, рече Михајловски.

Ликот на Анѓела го игра Камка Тоциновски, која кажа дека ова и трета соработка со Дуковски и Унковски, по „Друга страна“ и „Изгубени Германци“. Тоциновски рече дека ​Анѓела е речиси единственота која го наоѓа својот идентитет и тука е парадоксот.

„Тука е трагикомедијата на целата пиеса, значи ако некој знае во што транзитирал, тоа е Ангела. Но не е  страшна приказна, туку тоа Ангела се враќа за да отвори прашања на некои патријархални норми, да отвори прашања на многу човечни теми некои како што се разбирање, прифаќање, љубов,  фамилија“, кажа актерката.

По премиерата, претставата ќе биде на репертоарот на МНТ и на 1, 4 и 29 декември.

Унковски последен пат режираше во МНТ во 2022, кога ја постави претставата „Сите сме птици“, според текстот на современиот либанско-канадски автор Важди Муавад.

Следната соработка на Дуковски и Унковски им е во Солун, каде работат на драматизација на „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков. Премиерата се очекува на почетокот на 2027.

Б. НЕСТОРОСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира