Во август поднесовме предлози за измени на Законот за заштита на жени и жртви на семејно насилство, но уште не се ставени како точка на дневен ред, рекоа денес од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
„Предлог-измените што ги бараме се зголемени полициски овластувања, односно во случај на непосредна и сериозна опасност, да може сторителот да биде отстранет од домот. Втората измена се однесува на унапредената заштита на децата жртви на насилство односно насилниците привремено да не смеат да ги гледаат децата и да немаат комуникација со нив. Она што мора сите да го запомниме е дека децата, независно од тоа дали се директни, секогаш се индиректни жртви на насилството во домот. Третата измена е давање можност за електронски алки во случај кога им е изречена забрана за доближување и комуникација со жртвата“, рече на денешната прес-конфенција извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска.
Таа кажа дека предлозите биле изготвени од работна група, составена од професионалци од сите институции што се занимаваат со оваа проблематика.
Под слоганот „Своја на своето“, денеска почнува овогодишната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Националната кампања е заеднички организирана од сите агенции на Обединетите нации во земјата, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасади и бројни институционални и граѓански партнери.
Oваа година посебен акцент се става на економското насилство врз жените и девојчињата, со цел подигнување на свеста за скриените облици на насилство кои често се занемаруваат, но неретко претставуваат вовед во потешки и понасилни форми на злоупотреба.
Pоради зголемениот број пријавени случаи на родово базирано насилство и фемициди во Северна Македонија, се бара секоја пријава за насилство да биде проследена со брза, координирана и насочена кон преживеаната реакција. Се повикува на посилна примена на постојните закони, проширување на услугите за поддршка на преживеаните, ефективни мерки за заштита и поголема одговорност за сторителите. Истовремено, се истакнува значењето на превенцијата преку образование, подигнување на јавната свест и надминување на штетните родови стереотипи.
„Неодамнешните случаи на насилство врз жени во Северна Македонија се болно потсетување дека како општество мора да направиме повеќе. Институциите мора да ги заштитат жртвите и да ги повикуваат сторителите на одговорност, но мораме и да ги промениме ставовите што го нормализираат насилството, ги обвинуваат жртвите или поттикнуваат молк. Насилството врз жените никогаш не е приватна работа. Европската Унија цврсто стои покрај секоја жена и девојче, не само во текот на овие 16 дена активизам, туку секој ден“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Во текот на наредните 16 дена, низ целата земја ќе се одржат низа јавни настани, дискусии и активности за подигнување на свеста, со цел промовирање на нулта толеранција кон сите форми на насилство. Кампањата трае од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Денот на човековите права, приклучувајќи се кон глобалното движење за обезбедување секоја жена и девојче да може да живее ослободена од насилство, дискриминација и страв.



