УСЛОВНА КАЗНА ЗА ПОРАНЕШНИОТ РАКОВОДИТЕЛ НА ИНСПЕКТОРАТОТ ВО БИТОЛА ЗА БЕСПРАВНО ГРАДЕЊЕ, ВО ЗЕМЈАВА ДОСЕГА ИМАЛО 16 КРИВИЧНИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ ИНСПЕКТОРИ, НИЕДЕН НЕ ДОБИЛ ЗАТВОР НИ ЗАБРАНА ЗА РАБОТА

УСЛОВНА КАЗНА ЗА ПОРАНЕШНИОТ РАКОВОДИТЕЛ НА ИНСПЕКТОРАТОТ ВО БИТОЛА ЗА БЕСПРАВНО ГРАДЕЊЕ, ВО ЗЕМЈАВА ДОСЕГА ИМАЛО 16 КРИВИЧНИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ ИНСПЕКТОРИ, НИЕДЕН НЕ ДОБИЛ ЗАТВОР НИ ЗАБРАНА ЗА РАБОТАНа парцелата заведена како нива, со можност за изградба на помошни земјоделски објекти, изградена е куќа со базен. (Фото: СДК.МК)

Поранешниот раководител на инспекторатот во Општина Битола, Кире Мицевски, кој веќе година и пол е привремено суспендиран од работа, е прогласен за виновен за бесправно градење. Основниот суд во Битола му изрече условна осуда со утврдена казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во рок од четири години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Од Основниот суд во Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека пресудата е донесена на 16 ноември 2026 и велат дека е во изработка, по што ќе биде објавена на веб-страницата на судот. Пресудата не е правосилна, а инспекторот може да поднесе жалба до Апелациониот суд. Мицевски во телефонски разговор ни рече дека сè уште не ја добил пресудата и затоа не може да ја коментира.

Случајот се однесува на објект во реонот на селото Дихово, кој во април 2025 беше опфатен со контролите на градежната инспекција за утврдување дивоградби. Тогаш од Општина Битола соопштија дека по добиени сознанија, извршиле увид и ја проверувале документацијата за објектот, чиј сопственик бил раководител на општински инспекторат.

На 16 мај 2025, градоначалникот Тони Коњановски објави дека надлежните институции поднеле кривична пријава против раководител на сектор во општинската администрација. Додека траела постапката, Коњановски донел одлука за негова привремена суспензија од работното место.

Според тогашните информации од Општината, во документацијата имало решение од Министерството за земјоделство за приземен објект со основа од 66 квадратни метри и висина до венец од 2,80 метри. Бил доставен и геодетски елаборат, врз чија основа била извршена легализација на објект со приземје, кат, поткровје и мансарда.

За да ја утврди фактичката состојба, Општината нарачала ново геодетско мерење. Според резултатите што тогаш беа соопштени, објектот имал приземје, кат и поткровје, а висината до венец изнесувала 4,60 метри, мерено од пристапниот пат, односно 5,40 метри од теренот на кој е поставен објектот.

Во 2025, Мицевски ги отфрли сомневањата за бесправно градење, тврдејќи дека станува збор за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште, без доградби или надградби. Изјави и дека има лиценца за комунален инспектор, но не и овластување за постапување како градежен инспектор, поради што, како што тврдеше, не можел да врши никакви влијанија. Според него, за истиот случај и во 2014 година имало истрага од Обвинителството, по која не бил поднесен кривичен акт.

Податоците од Катастарот, објавени во март 2025, покажуваа дека парцелата била заведена како нива, со можност за изградба на помошни земјоделски објекти, како фарми, но без наведена намена за куќа. На местото е изграден и базен.

До 2025 во Битола биле покренати една дисциплинска и две кривични постапки против инспектори, според анализата на проектот „Локалните инспектори под лупа: Унапредување на законитоста и одговорноста на локалната инспекција“, спроведен од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со поддршка на Владата на Швајцарија. Дисциплинската постапка била покрената во 2023 година и завршила со писмена опомена за неуредност поврзана со користење службени средства. Двете кривични постапки биле покренати за злоупотреба на службената положба.

На ниво на држава, анализата евидентира кривични постапки против инспектори во 16 случаи, од кои девет се однесувале на градежни инспектори. Во 12 случаи биле изречени осудителни пресуди во прв степен, од кои девет биле условни. Според анализата, не била изречена ниту една затворска казна, ниту забрана за вршење должност.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира