ОБВИНЕТИОТ КРИСТИЈАН КОРАБОСКИ НЕ ДОЈДЕ ВО СУДНИЦА НА ПРВОТО РОЧИШТЕ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА САРА ЃОРЃИЕСКА, ОДБРАНАТА БАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ОД ОХРИД

ОБВИНЕТИОТ КРИСТИЈАН КОРАБОСКИ НЕ ДОЈДЕ ВО СУДНИЦА НА ПРВОТО РОЧИШТЕ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА САРА ЃОРЃИЕСКА, ОДБРАНАТА БАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ОД ОХРИД„Бидејќи е побарано изземање на сите обвинители, вклучително и на јавниот обвинител кој постапува по предметот, во овој момент ниту еден од нив не може да постапува. Сметам дека ова е со цел одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста што ја има обвинетиот Кристијан Корабоски“, рече адвокатот на Ѓорѓиеска, Ѓоко Шајн. (Фото: СДК.МК)

Првото рочиште од судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за претепувањето на 26-годишната Сара Ѓорѓиеска во Охрид, денеска беше одложено во охридскиот Основен суд. Обвинетиот не се појави во судницата, а според информациите, се наоѓал во Притворското одделение на судот, наводно од безбедносни причини.

Корабоски на 15 ноември ја претепа девојка си Ѓорѓиеска до бесознание и ја остави на улица во Охрид.

Причина за одложувањето е барањето на одбраната за изземање на сите јавни обвинители во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид.

„Бидејќи е побарано изземање на сите обвинители, вклучително и на јавниот обвинител кој постапува по предметот, во овој момент ниту еден од нив не може да постапува. Сметам дека ова е со цел одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста што ја има обвинетиот Кристијан Корабоски. Видовте дека не беше присутен во судницата. Тоа не е возможно, како што беше присутна оштетената, требаше да биде и тој. На наредните рочишта обвинетиот мора да се појави во судница и правда мора да има за овој случај“, изјави адвокатот на Ѓорѓиеска, Ѓоко Шајн.

За барањето за изземање на основниот јавен обвинител треба да одлучи непосредно повисокото јавно обвинителство, по што ќе може да се одлучува и за изземањето на останатите обвинители.

Претходно, одбраната побарала и изземање на судечкиот судија Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд Охрид, Бојан Мартиноски. Мартиноски го одбил барањето за изземање на судиите, додека за неговото изземање треба да се произнесе Апелациониот суд Битола.

Ново рочиште е закажано за 1 декември во 12 часот.

Корабоски со обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Охрид се товари за три кривични дела, Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста, сторени при вршење семејно насилство. Според обвинението, тој противправно ја ограничил слободата на оштетената, физички ја нападнал и телесно ја повредил, како и ја загрозил нејзината сигурност.

Во текот на постапката, Обвинителството обезбедило повеќе докази, меѓу кои медицинска документација за повредите и видеоснимки поврзани со настаните. Дел од обвинителните наводи се однесуваат и на случувањата во автомобилот, кога оштетената, според обвинението, побарала да биде пуштена да излезе, но возилото продолжило да се движи.

За Корабоски претходно е определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и опасност од повторување на кривичните дела.

С. ВРЕНЦОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира