Овластен инспектор од Општина Битола започна постапка за изрекување глоба за ДОО „Стентон“ , фирмата која ископува гранит во каменоломот над Битола, за сторен прекршок зашто продолжила со ископ без да добие Б интегрирана еколошка дозвола.
Ова стои во известувањето кое инспекторот за животна средина Јулијана Ивановска го доставила до советникот Горан Козаров од советничката Комисија за заштита на животната средина.
Во известувањето од инспекторот пишува дека на 27 март бил извршен инспекциски надзор на каменоломот и било констатирано дека врши ископ без добиена Б интегрирана еколошка дозвола. Направиле записник во кој на сопственикот му забраниле да работи се до добивање на дозволата.
По четири дена повторно бил направен инспекциски надзор и се заклучило дека продолжил со експлоатација. По ова, според информацијата на инспекторот, започнале постапка за изрекување глоба против ДОО „Стентон“.
Каменоломот на Билбил Камен на оддалеченост од 800 метри од населбите во Битола беше отворен лани летото. Опозицијата тогаш реагираше дека ќе се одрази лошо врз животната средина, а сопственикот тврдеше дека ја имаат цела потребна документација за работа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА