ШВАЈЦАРЦИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ПОДДРЖАА ЗАБРАНА ЗА ОГНОМЕТ И ПОБЛАГИ ПРАВИЛА ЗА ИЗВОЗ НА ОРУЖЈЕ

ШВАЈЦАРЦИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ПОДДРЖАА ЗАБРАНА ЗА ОГНОМЕТ И ПОБЛАГИ ПРАВИЛА ЗА ИЗВОЗ НА ОРУЖЈЕОлеснувањето на строгите правила значи дека, во многу случаи, купувачите на воена опрема произведена во Швајцарија повеќе нема да имаат потреба од одобрение од Швајцарија за нејзин пренос во други земји. (Фото: ДПА)

Швајцарските гласачи на референдум го одобрија олеснувањето на строгите правила за извоз на оружје, при што 54,3% од гласачите гласаа „за“, ги објави денеска конечните резултати Федералниот завод за статистика. Овој резултат значи дека, во многу случаи, купувачите на воена опрема произведена во Швајцарија повеќе нема да имаат потреба од одобрение од Швајцарија за нејзин пренос во други земји.

Во моментов, швајцарското законодавство – покрај другите ограничувања – не дозволува извоз на оружје во земји вклучени во вооружени конфликти, без оглед на тоа дали тие се агресори или се бранат. Оваа рестриктивна политика сериозно ги затегна односите со пријателските земји, како што е Германија, на почетокот на војната во Украина, бидејќи Швајцарија одби да им дозволи на Германија и на другите земји да пренесуваат воена опрема купена во Швајцарија. Швајцарската влада беше загрижена за конкурентноста на одбранбената индустрија во земјата, бидејќи пријателските земји едноставно се свртеа кон други добавувачи за набавка на својата воена опрема.

На вториот референдум, гласачите одобрија сеопфатна забрана за огномет, спротивно на ставовите на владата и парламентот. Ова уследи откако преку граѓанска иницијатива беше укажано на стресот и паниката што гласните огномети ги предизвикуваат кај домашните и дивите животни. Според конечните резултати на Федералниот завод за статистика, 59,8% од гласачите се изјаснија за забрана на огномети „кои создаваат бучава“.

Забраната главно ќе се однесува на приватни лица и се очекува да стапи на сила во текот на следните две години. Јавните огномети за време на фестивали и на Националниот ден на Швајцарија ќе останат дозволени.

Владата и парламентот се спротивставија на забраната. Владата и парламентот, меѓу другото, истакнаа дека огнометот претставува традиција за многу луѓе и е израз на радост. Тие исто така посочија дека вознемирувањето се случува само неколку дена во годината. Како уште еден аргумент против забраната беше наведена можноста за значителни финансиски загуби во индустријата за огномети.

Во Германија со години се води дебата за забрана на огномети, а такви забрани веќе постојат во земји како Ирска и Холандија.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира