По наредба од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кујната и трпезаријата во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово и натаму остануваат затворени, откако во средата тројца курсисти паднале во бесознание, а потоа се однесени на Клиниката за инфективни болести под сомнение дека се работи за труење со храна.
Д-р Џевџес Шаќири, директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вели дека кујната и трпезаријата и натаму остануваат затворени додека не ги добијат резултатите од ново земените мостри. Тој објаснува дека анализите од мострите земени во средата покажале дека тие се позитивни на жива и нежива материја, односно најдена е бактерија стафилокока на испирок од раце.
„Минатата недела по пријава од Центарот за јавно здравје и од Клиниката за Инфективни болести дека во Центарот за обука на МВР Идризово има случаи на труење со храна, екипа на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од подрачна служба Гази Баба, заедно со екипа од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Центарот за јавно здравје направи увид. Притоа земени се мостри од работните површини во трпезаријата и кујната, а тие се записнички затворени. Анализите беа позитивни, и по направената механичка дезинфекција, во понеделникот земени се нови мостри. Додека не добиеме резултати од вторите мостри, и додека не добиеме негативен резултат, кујната и трпезаријата остануваат затворени“, вели д-р Шаќири.
МВР минатата недела потврди дека тројца курсисти паднале во бесознание, но не кажа дека се работи за труење со храна. Во минатонеделното соопштение на МВР стоеше дека на тегоби и вртоглавици се пожалиле уште неколку курсисти и дека со едно амбулантно возило од итната медицинска помош, им биле извршени прегледи на 38 слушатели. Тројца од нив биле пренесени во Клинички центар, двајца од кадетите биле пуштени , а еден е задржано на лекување.
„Според податоците од Клиниката за инфективни болести двајца од пациентите по укажаната лекарска помош веднаш се пуштени дома, а еден е задржан на лекување. Но и овој што го заджале до крајот на денот е пуштен дома. Нема некој пациент со посериозни здравствени последици со оглед на тоа дека во оваа кујна се подготвува храна за 620 курсисти“, вели д-р Шаќири.
Курсистите со кои контактиравме ни рекоа дека постојано се жалат на лошата храна и многу стари конзерви, како и лошата хигиена во трпезаријата. Наводно, им било речено дека поради политичката ситуација може да се случи да ги пуштат дома на преспивање, затоа што така ќе се заштеди на храна.