ВРХОВНИТЕ СУДИИ ОДБИЛЕ ДА ГЛАСААТ ЗА ПРЕДЛОЗИТЕ НА ВАНГЕЛОВСКИ ЗА БЛОКАДА НА СЈО

    ВРХОВНИТЕ СУДИИ ОДБИЛЕ ДА ГЛАСААТ ЗА ПРЕДЛОЗИТЕ НА ВАНГЕЛОВСКИ ЗА БЛОКАДА НА СЈОПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски предложил да се прогласи дека бомбите со прислушуваните разговори не може да се користат како доказ во кривична постапка, како и Специјалното јавно обвинителство да се прогласи за неовластен орган да поднесува Барање за заштита на законитоста; - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Двата предлога на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ставени на маса на денешното продолжение на општата седница на највисокиот суд, едниот да се прогласи дека бомбите со прислушуваните разговори не може да се користат како доказ во кривична постапка, а другиот  Специјалното обвинителство да се прогласи за неовластен орган да поднесува Барање за заштита на законитоста (БЗЗ), не прошле денеска на седницата. Врховните судии, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, одбиле да кренат рака и да гласаат „за“ по предлозите или т.н. реферати поднесени од Вангеловски.

    Дел од врховните судии во предлозите на Вангеловски препознале текст напишан од обвинителството на Марко Зврлевски и од адвокатот на обвинетиот експремиер Никола Груевски, Никола Додевски кој е бранител и на останатите највисоки функционери од ВМРО-ДПМНЕ во постапките што ги води СЈО (Фото: СДК.МК)

    Место да ги изгласаат предлозите на Вангеловски, се појавиле дилеми кај дел од врховните судии, зошто е потребата од прогласување на бомбите да не може да бидат користени како докази во постапките, кога веќе Основниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје, ги прогласија за невалидни докази во постапките. Оттаму, кај дел од врховните судии се појавил сомнеж дека претседателот Вангеловски од лични причини го составил и го ставил на разгледување и гласање таквиот реферат, мотивиран, како што велат тие, од тоа што и тој се спомнува во прислушуваните разговори како договара некоја работа со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Други препознале текст напишан од обвинителството на Марко Зврлевски и од адвокатот на обвинетиот експремиер Никола Груевски, Никола Додевски кој е бранител и на останатите највисоки функционери од ВМРО-ДПМНЕ во постапките што ги води СЈО.

    Никола Додевски беше подносителот на иницијативата до Основниот суд Скопје 1 бомбите да се прогласат како неважечки докази во постапките што се водат пред судовите.

    Трети врховни судии кои присуствувале на денешната седница на Врховниот суд, пак, брифираат за САКАМ ДАКАЖАМ.МК дека расправата по двата реферата не ни почнала, бидејќи се освестиле во последен момент дел од нив дека и двете теми се многу осетливи, дека мора да бидат претпазливи што ќе изгласаат, бидејќи како што велат, тоа што ќе се изгласа сега на оваа општа седница, отсега натаму ќе биде судската пракса која ќе се применува.

    Така, дел од врховните судии се поделиле и во однос на предлогот  на Вангеловски на СЈО да му се забрани да поднесува БЗЗ до Врховниот суд. Додека тој и дел од колегите се повикувале на тоа дека во Законот за кривична постапка јасно е наведено оти само Јавниот обвинител на РМ е овластен да поднесува БЗЗ до највисокиот суд, други сметаат дека тоа исто овластување со формирањето на Специјалното јавно обвинителство, со закон ѝ е дадено и на Специјалната обвинителка Катица Јанева за предметите што таа ги отвора и ги води.

    Зврлевски до Врховниот суд на 27 март годинава поднесе БЗЗ со кое бара укинување на притворот на осомничениот Сеат Кочан, кој е во бекство откако СЈО побара мерка притвор за него, како првоосомничен во случајот „Труст“. Тоа беше на 8 март годинава. СЈО по ова, побара повлекување на БЗЗ од Зврлевски, бидејќи, како што рече, се работи за предмет за кој не е надлежно ЈОРМ, туку СЈО.

    Општата седница треба да продолжи на 18. овој месец. Таа почна вчера, кога експресно беше отфрлено барањето за изземање на Вангеловски од Кривичниот совет кој треба да решава за укинување на притворот на Кочан, потоа приговорот на експретседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова зашто тој ја тргна од Кривичниот совет кога кажала јавно дека СЈО е надлежно за Кочан, а не ЈОРМ, а одбиени беа и сите 17 приговори од судиите од Основниот суд Скопје 1, незадоволни од тоа како ги премести од нивните оддели, работни места и предмети новиот претседател Стојанче Рибарев. Истите судии кои поради истите неправилности гласале да падне претходниот распоред на в.д. претседателката Татјана Михајлова пред еден месец, сега гласале против поднесените приговори по исти основи, отфрлајќи ги сите до еден.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира