БРОЈОТ НА ДИЈАБЕТИЧАРИ СЕ ЗГОЛЕМУВА, А ТОДОРОВ ГИ КРАТИ ПАРИТЕ ЗА ИНСУЛИН, РЕАГИРААТ БОЛНИТЕ ОД ПРИЛЕП

    БРОЈОТ НА ДИЈАБЕТИЧАРИ СЕ ЗГОЛЕМУВА, А ТОДОРОВ ГИ КРАТИ ПАРИТЕ ЗА ИНСУЛИН, РЕАГИРААТ БОЛНИТЕ ОД ПРИЛЕПРечиси 5.000 болни од дијабетес од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени бараат да се зголеми двојно, а не да се намалува фондот за лекување на дијабетот во државата (Фото: МИА)

    Најголем број од 4.635 заболени од дијабетес Тип 1 и Тип 2 во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени бараат да се зголеми двојно, а не да се намалува фондот за лекување на дијабетот во државата. По информацијата дека Владата на седницата одржана на 28 март, годинава фондот за набавка на инсулинска терапија го редуцираше за милион евра, поточно од 620 на 558 милиони денари, граѓаните со дијабетес се сериозно загрижени за своето здравје.

    „И досега тешко беше да се дојде до квалитетна инсулинска терапија, а за да се дојде до потребниот лек, во аптеките треба да се побрза во првата половина од месецот. Кога одиме на контрола приватно, ни кажуваат дека инсулинот што го добиваме од државата е одамна вон употреба дури и во земјите од нашето опкружување. Но, овде си среќен и ако воопшто дојдеш до инсулин. Друга приказна е што за многу кратко време од неполни две години, голем дел од нас, од таблетарна преминуваат на инсулинска терапија. Никој не води сметка за нашето здравје, ние сме оставени на милост и немилост“, велат граѓани кои боледуваат од оваа болест.

    Од прилепското Здружение на заболени од дијабетес, дури не гледаат ефект и во организирана реакција до Министерството и Владата.

    „Кога одлучиле да го намалат фондот, а нашите проблеми се преголеми, каков ќе биде ефектот од нашата реакција. Додека нема нова влада во оваа држава, која сериозно ќе се зафати со решавање на проблемите во македонското здравство, не гледам спас за ништо“, вели Мирјана Димоска, претседател на Здружението.

    Од одделот за лекување на дијабетес во градската болница во Прилеп, исто така се изненадени од ваквите владини одлуки за рестрикција на средствата со кои годинава ќе се финансира Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и едукација за третман и контрола на оваа болест.

    „Во Прилеп од 2.000 до 2.500 граѓани се на инсулинска терапија. До пред неколку години се внесуваа најсовремени инсулини, сега со препораките на Националната комисија внесуваме хумани инсулини, што се многу поевтини во однос на аналозите, коишто се релативно поскапи. Имаше план да се воведе таблетарна современа терапија, ДПП 4 аналози, иако се на листата, не можеме да ги препишуваме, зашто први тоа треба да го направат колегите од Клиниката за ендокринологија. Последнава година има многу компликации кај пациентите, што може да се последица на несоодветна терапија или непридржување на советите од лекарот. Зашто, ако бројот на дијабетичари се зголемува, тогаш и фондот за нивно лекување треба да се зголемува, а не да се намалува. А, ние уште не сме вовеле посовремени терапии во лекување на дијабетесот“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК, интернистот д-р Златко Савоски, од одделот за лекување на дијабетес во прилепската болница.

    А, од Сојузот на здруженија на заболени од дијабетес во Република Македонија истакнуваат дека вкупната преваленца е над 10 отсто, што значи околу 200.000 граѓани во Македонија живеат со дијабетес. Од нив околу 40.000 граѓани користат инсулинска терапија.

    М. ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира