Фејсбук вели дека избришал 30.000 лажни профили поврзани со Франција пред претседателските избори во земјата, како дел од напорите на светско ниво против дезинформациите. Компанијата соопшти дека се обидува да го намали материјалот креиран низ неавтентични активности, вклучувајќи спам, дезинформации и други лажни содржини, коишто често се споделуваат од лажни профили.
Најголемата социјална мрежа вели дека нејзините напори ѝ овозможиле да преземе дејствија против француските профили и дека ги отстранува профилите со најмногу интернет сообраќај.
Фејсбук и француските медиуми, исто така, спроведуваат програми за проверка на факти за да се справат со лажните информации, посебно во врска со кампањата за изборите на 23 април и 7 мај. Европските власти ги притиснаа Фејсбук и Твитер да отстрануваат екстремистичка пропаганда и други објави, коишто се во спротивност со европските закони за говор на омраза.